Децата со попреченост на пат да го заземат своето заслужено место во редовните училишта

29 Октомври 2019
Minister of Education and UNICEF Representative at table giving welcoming remarks to participants
UNICEF/2019

Скопје, 24 октомври 2019 година: На работилницата за изработка на „Национален концепт за инклузивно образование“, во која се даваат насоки за спроведување на визијата на земјата за инклузивно образование, Северна Македонија започна со значајна работа за да им овозможи на децата со попреченост да го заземат своето заслужено место рамо до рамо со врсниците во редовните училишта. 

Визијата за инклузивното образование е зацврстена во неодамна донесениот Закон за основно образование, кој меѓу другото, предвидува трансформирање на специјалните училишта и паралелки во ресурсни центри со кои се поддржува целосна инклузија. 

Во својот поздравен говор, министерот за образование и наука г. Арбен Адеми истакна дека новиот закон за основно образование внесува храбри промени за подобрување на квалитетот на образованието за сите деца. Нагласувајќи дека со законот се воведуваат реформи врз основа на податоци, а не на перцепции, тој ги повика на соработка сите чинители, за визијата да се преточи во реалност, а сите деца во земјата да имаат придобивки. 

Работилницата е дел од реформската иницијатива поддржана од УНИЦЕФ за подобрување на квалитетот на инклузивното образование. Тука се собраа претставници од Бирото за развој на образованието, Државниот просветен инспекторат, наставници и лидери од редовните и специјалните училишта, професори од Педагошкиот факултет, граѓански организации, родители на деца со попреченост, како и меѓународни партнери. 

„Законите не се доволни за да се обезбеди исполнување на детските права, па иако има големо искуство и позитивни примери за инклузија во земјата, претворањето на визијата во реалност за секое дете во земјата налага соработка од сите чинители за да се отстранат бариерите што ги спречуваат деца со попреченост да се вклучат и да го исполнат својот потенцијал“, рече Патриција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ.  

Доказите покажуваат дека децата со попреченост имаат поголема сеопфатна придобивка во образовните резултати и однесувањето кога одат во редовно училиште отколку врсниците со слична попреченост во специјални училишта. Истражувањата покажуваат и дека вклучувањето на децата со попреченост им помага на сите деца во училницата да научат за емпатија, праведност, соработка и социјална солидарност, а пак за возврат, со ваквите вредности се подобруваат оценките и резултатите на училиште. 

Во текот на работилницата, учесниците имаа можност да учат од експерти од Португалија – земја лидер во инклузивното образование во Европската унија  и Србија, соседна земја која напредува извлекувајќи многу поуки.  

„Инклузивното образование е процес - тоа не е точка до која треба да се стигне. Пристапот не значи само приспособување - тој претставува учество. За инклузијата се потребни низа кохерентни услуги во и низ фазите на образование - почнувајќи од раното детство па сѐ до високото образование – услугите мора да одговорат на потребите на детето, но во нив треба да се разгледаат и срединските фактори“, вели Филомена Переира, од Министерството за образование на Португалија. 

Резултатите од работилницата опфатија согласување на групата со општа рамка која опфаќа: 1) визија и опфат на инклузивното образование; 2) идентификација и обезбедување на дополнителна поддршка; 3) трансформација на специјалните училишта; 4) меѓусекторска соработка; и 5) управување и организација на училиштата, како и предизвици и можности на кои ќе се даде осврт во новата концепција за инклузивно образование. Со поддршка од меѓународни експерти, работната група ќе продолжи да го развива Националниот концепт за инклузивно образование преку партиципативен процес, пред да го достави до министерот за образование и наука. 

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска

Тел: (02) 3231-244

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebook, Instagram и YouTube.