Децата и младите се оптимисти и сакаат да придонесат за ублажување на климатските промени

Скопје, 28 април 2021 година: Иницијативата „Учиме за планетата Земја“ организирана од Бирото за развој на образованието со поддршка од УНИЦЕФ, вклучи 1.160 наставници и 34.304 ученици кои учествуваа во наставни активности за климатските промени и климатската акција. Наставните активности опфатија наставни материјали и квиз, при што децата покажаа подготвеност да преземат климатска акција.
Резултатите од квизот покажуваат дека децата и младите се оптимисти кога станува збор за решавање на климатските промени. Скоро сите - 93 проценти - одговорија дека можат да сторат нешто за борбата со климатските промени и дека лично би придонеле преку помало создавање отпад, поттикнување на другарите да го прават истото и разговор со родителите да бидат еколошки посвесни и поодговорни.
„Во светот, сведоци сме на моќта на младите кои бараат поголема климатска акција и образование за животна средина. Ова е важно за инспирација на младите од земјава да бидат похрабри за слични вакви иницијативи,“ рече Патриција Ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ. „Одговорите на квизот покажуваат дека децата и младите се подготвени да ја предводат акцијата и ние мора да создадеме простор за да ги слушнеме и можности за да се вклучат.“
Исто така, со другите одговори на квизот се заклучи дека на децата и на младите им требаат повеќе можности да научат за разликата меѓу загадувањето на воздухот и климатските промени и за главните причини за климатските промени.
„Оваа иницијатива беше навистина корисна за нас наставниците и секако, за учениците. Добивме нови и интересни информации за климатските промени, а учениците на интерактивен начин беа поттикнати активно да придонесат кон заштитата на животната средина и справување со климатските промени,“ рече Татјана Анакиева, наставничка од ОУ „Кочо Рацин“, Општина Виница.
„Децата навистина се забавуваа и беа многу мотивирани да направат нешто во врска со климатските промени. Мислам дека ваквиот наставен материјал треба да биде составен дел од процесот на образование и учење,“рече Рената Брезовска, наставничка од ОУ „Петар Поп Арсов“, Општина Карпош.
Иницијативата „Научи за планетата“ е дел од Програмата за образование за животна средина и климатски промени поддржана од УНИЦЕФ, која се реализира со финансиска поддршка од Шведската агенција за меѓународна соработка (СИДА). Програмата е меѓусекторски напор за унапредување на образованието за животна средина на идните генерации. Нејзината цел е да ги изгради темелите на систем со кој на децата им се нуди знаење, оспособеност и можности да ја разберат, да се грижат и да ја заштитат својата околина како активни чинители на општеството.
Контакти за медиуми
За УНИЦЕФ
УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.
За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.
Следете го УНИЦЕФ на Twitter, Facebook, Instagram и YouTube.