Што треба да знаете кога споделувате фотографии или видеа од вашите деца онлајн
Стручни совети за заштита на приватноста на вашето дете во дигиталната ера

Да се биде родител во дигиталната ера не е нималку лесно. Се чини дека социјалните мрежи, смартфоните и другите технологии напредуваат побргу од нашите деца, па не секогаш ни е јасно како овие технологии да ги користиме безбедно – дури и кога имаме најдобри намери.
Многу родители и старатели споделуваат фотографии од своите деца и тинејџери затоа што сакаат да ги споделат најрадосните моменти од животот со семејството и пријателите. Сепак, важно е да бидеме свесни за ризиците што доаѓаат со објавувањето содржини за нашите деца на интернет, т.е. за „шерентинг“ (анг. Збор sharenting составен од sharing и parenting).
Разговаравме со експертката Стејси Стајнберг за тоа како да ја заштитиме приватноста на нашите деца на интернет, како да ги почитуваме нивните ставови и да ги подучиме што значи давање согласност.
Што е „шерентинг“?
Стејси Стајнберг: „Шерентинг“ го дефинирам како она што го прават родителите кога зборуваат за своите деца надвор од кругот на семејството: кога објавуваат слики од нив на социјалните мрежи, пишуваат блогови за нив или испраќаат видеа од нив преку апликации за пораки како WhatsApp и сл.
„Кога споделуваме работи за нашите деца на интернет без да ги прашаме и да ги вклучиме во таа одлука, пропуштаме добра прилика да ги подучиме и да им покажеме што значи давање согласност“.
Што треба родителите и старателите да знаат кога мислат да споделат некоја содржина за своите деца онлајн?
Има две главни работи за кои треба да размислиме кога сакаме да споделиме некоја содржина за нашите деца.
Првата е вистинската, опиплива штета што родителите може да им ја нанесат на децата кога ги споделуваат на интернет. На пример, одредени луѓе можеби ќе сакаат да комуницираат со децата или да им наштетат поради некоја содржина што ја виделе. Во некои земји, постојат посредници за тргување со податоци кои составуваат дигитални досиеја за нашите деца врз основа на информациите што ги споделуваме, можеби за да предвидат што тие ќе кажат или ќе направат или какви здравствени проблеми би можеле да имаат во иднина.
Друга причина за грижа се лажираните слики – опасноста дека сликите од нашите деца ќе бидат недозволено или злонамерно изманипулирани и ќе им предизвикаат штета, како и шансата од сликите некој да направи меме што ќе стане вирално и ќе ги прикаже нашите деца во негативно светло. За среќа, се чини дека во моментов овие работи не се случуваат многу често, но не знаеме што ќе донесе иднината и како работите ќе се сменат со напредокот на технологиите како што е вештачката интелигенција.
Втората е дека кога споделуваме работи за нашите деца на интернет без да ги прашаме и да ги вклучиме во таа одлука, пропуштаме добра прилика да ги подучиме и да им покажеме што значи давање согласност, како и да им покажеме дека ја почитуваме нивната приватност.
Кога децата ќе пораснат и сами ќе си имаат профили на социјалните мрежи, и ние би сакале да ја почитуваат нашата приватност и да не споделуваат слики од нас што не сакаме да бидат споделени. Исто така, би сакале да ја почитуваат и приватноста на своите врсници и да не објавуваат слики од други деца и возрасни без нивна согласност.
Што мислат децата кога споделуваме фотографии и видеа за нив онлајн?
Без оглед колку години имаме, сите сакаме да сме самостојни. Сите си ја цениме сликата за себе, без разлика дали имаме четири или пет години – сакаме да го носиме розовото фустанче, а не виолетовото. На 12 или 13 години сакаме да нè видат како се држиме за рака со баба или не сакаме да нѐ видат фатени за рака со баба. Можеби на возрасните ова им се чини небитно, но на децата навистина им е важно. Кога децата чувствуваат, тоа се големи чувства и треба да им оставиме простор да ги изразат. Малите деца не можат да дадат информирана согласност за споделувањето, но мора да помислиме како тие би се чувствувале кога би можеле подлабоко да разговараме со нив и кога тие би можеле да ја искажат својата поента.
Исто така, ако споделиме содржини веднаш по некој настан и им ги покажеме на децата сликите или видеата што сме ги снимиле, малку се плашам дека тоа може да им ги измени сеќавањата од детството. Затоа, треба навистина да внимаваме во кој момент споделуваме. Кога сме заедно со децата, треба да ги оставиме настрана мобилните и компјутерите за навистина да си уживаме во моментот, а не во објавите, и да им дозволиме на децата да си ги зацврстат спомените, кои се различни од сликите и видеата што ние сме ги снимиле со нашите уреди.
Како родителите да ја заштитат приватноста на своите деца во дигиталниот свет?
Родителите треба да се воздржат од споделување премногу лични информации за своите деца, како на пример, засрамувачки приказни или слики, дури и ако им се чинат смешни. Треба да ги погледнеме нештата низ очите на детето. Исто така, родителите не треба да споделуваат слики од своите деца без облека бидејќи, за жал, има лоши луѓе кои би можеле таквите слики да ги искористат за лоши цели.
Родителите треба да разговараат со децата за тоа што го споделуваат и за процесот низ кој минуваат за да одлучат дали нешто треба да се сподели или не.
Сепак, важно е да се напомене дека родителите не можат да ја водат оваа битка сами. Голем дел од одговорноста за заштита на детската приватност треба да падне на политичарите и на дигиталните платформи, кои треба да создадат побезбедни простори за семејствата. Неправедно е да се очекува од родителите да разберат како функционираат сите тие платформи и целата технологија, особено со оглед на тоа колку бргу се менуваат.
> Кликнете тука за да дознаете што да проверите за приватноста на интернет како родители
Како родителите да побараат од другите да не објавуваат слики од нивните деца?
Разговарајте искрено со пријателите и поширокото семејство за вашите правила на споделување, но имајте на ум дека споделувањето информации за деца на социјалните мрежи е релативно нова појава и не секој му посветил подеднакво внимание на ова прашање. На овие разговори пристапете им со ставот – колку повеќе комуникација, толку полесно ќе им биде на другите луѓе во животот на вашите деца да ги почитуваат вашите правила.
Прашајте ги училиштата и другите организации дали имаат политика за споделување на социјални мрежи. Ако немаат, понудете им се за помош во нејзиното составување, имајќи предвид дека и други родители можеби ќе сакаат да имаат контрола врз фотографиите и информациите што училиштата и сличните организации ги споделуваат за нивните деца.
Како родителите и старателите безбедно да споделуваат фотографии и видеа од своите деца?
Споделувањето никогаш не може да биде 100 отсто безбедно. Секогаш ќе биде прашање на баланс помеѓу ризиците што ги носи и она што родителите го сфаќаат како придобивка.
Семејствата кои сепак планираат да споделуваат информации за своите деца онлајн треба да размислат за својата публика (кои се поставките за приватност на нивните профили на социјалните мрежи, колку добро ги познаваат луѓето што ги додале како пријатели или следбеници, итн.).
Понекогаш децата ги доживуваме како дел од нашиот идентитет, но всушност тие се свои луѓе со свои чувства. Споделувањето содржини за себе е едно, но друго е кога споделуваме за останатите во нашиот дом.
„Нашите деца се првата генерација чие растење се споделува со светот. Ние сме првата генерација родители што ги воспитува децата во време на социјални мрежи, а тоа не е лесна работа“.
Што да направите ако веќе сте објавиле премногу за вашите деца и сега се премислувате?
Вдишете длабоко! Најголем дел од родителите кои претеруваат со споделување содржини не го прават тоа затоа што се злонамерни. Најчесто, кога родителите претерано споделуваат, тие просто не се свесни за ризиците и зошто е важен дигиталниот отпечаток на нивните деца.
Ако некој родител сака да преиспита што и колку споделува, добар прв чекор е да погледне што има споделено дотогаш и да го избрише она што може и смета дека треба. [Ако не може самиот да избрише некоја слика, може тоа да го побара од самата платформа.]
Почнувајќи од околу 9-10 години, родителите може да ги вклучат и децата во овој процес на пречистување на своите профили на социјалните мрежи и бришење работи што веќе не се релевантни. Обидете се да го правите ова редовно на секои неколку месеци: разгледајте, видете што сте споделиле и избришете ги старите информации.
Мислам дека на децата им значат нашите обиди да ги вклучиме во управувањето со социјалните мрежи. Не е лесно. Нашите деца се првата генерација чие растење се споделува со светот. Ние сме првата генерација родители што ги воспитува децата во време на социјални мрежи, а тоа не е лесна работа.
Стејси Стајнберг е мајка, професорка по право и директорка на Центарот за деца и семејства при Универзитетот во Флорида. Таа е авторка на бестселерот за родителство „Да се расте пред светот: како родителите попаметно да споделуваат на социјалните мрежи и да го заштитат своето семејство во свет без приватност“.