Што научивме да цениме додека седевме дома поради КОВИД-19
Семејството на Томислав увиде дека животот во домаќинство со повеќе генерации е придобивка и за време на полицискиот час се посвети на квалитетно поминати заеднички мигови

- Достапно на:
- English
- Македонски
Пандемијата на болеста корона вирус (КОВИД-19) е од размери што луѓето не ги виделе досега. Седењето дома и полицискиот час за да се спречи ширењето го засегнаа учењето на децата, начинот на работа на нивните семејства и чувството на безбедност во домот и заедницата. И покрај опасноста, земјите од светот ги укинуваат ограничувањата. Додека се прашуваме дали некогаш ќе се вратиме на она што сме го знаеле како „нормално“, вреди да подзапреме и да видиме како да се надоврземе на она што го научивме за да изградиме подобар свет за децата.
Како новинар, фотографот на УНИЦЕФ, Томислав Георгиев, беше еден од ретките професионалци со дозвола да излезе за време на полицискиот час и да „лови моменти“ на напуштените улици на главниот град. Но, тој откри дека во вакво време, највредните слики се наоѓаат блиску до дома. Го сврте објективот во спротивна насока за да сними фотографии од сопственото семејство исполнети со љубов. Во домаќинството каде четири генерации живеат заедно, Томислав „улови“ сцени на игра, семејни прослави, споделување, истражување и учење нови вештини.
„Сфатив дека иако мислиме дека имаме многу време, на крајот на краиштата, не поминуваме доволно квалитетно време со семејството“, вели Томислав.

Деновите дома беа можност децата да измислат нови начини на игра и учење, да ја истражуваат непосредната околина и да искористат најмногу од она што им е на располагање. Со градењето отпорност, на децата им помагаме да се справат со тешките моменти.

Полицискиот час беше и време децата да се научат на одговорност и како на свој начин да придонесат кон наоѓање решение за заедничките проблеми. „Тивкото разбирање на моите деца беше едноставно зачудувачко. Остануваме дома, нема прашања, нема барања да се излезе надвор за да се игра со другарчињата. Нивниот живот целосно се смени, а сепак се чини дека важноста на својот придонес ја сфаќаат подобро од повеќето возрасни“, вели Томислав.

За време на полицискиот час, многумина ја научија важноста на креативноста со малку ресурси и во ограничен физички простор дома. Исто така, многумина сфатија дека ситните гестови на добрина и благодарност кон другите членови на семејството помагаат да се зајакне емотивната благосостојба.

Некои дури и научија нови вештини, но она што е најважно е да научат да ги ценат емотивните врски меѓу различните генерации. Токму ваквите врски ни помагаат да развиеме емотивна издржливост што ни е потребна во стресни времиња.

„Вистина - оваа криза зеде данок на човештвото. Но, и им даде можност на различните генерации да се здружат, а можеби и започна да ги обликува нашите помлади генерации поинаку да размислуваат за својата улога, а и како ние како поединци можеме на свој начин да придонесеме кон изнаоѓање решение за колективните проблеми“, вели Томислав.
УНИЦЕФ останува посветен на својата мисија да обезбеди основна поддршка, заштита и информации, како и надеж за посветла иднина за секое дете. УНИЦЕФ е обединет во јасното ветување до светот: ова ќе го пребродиме заедно, за секое дете.