Учење преку креативна асистивна технологија

Училиште со многу ограничени средства успева да обезбеди услови Билјана да заврши редовно основно образование и да продолжи со школувањето

UNICEF MK
Билјана, 14 годишен ученик со оштетен вид се смее седејќи во училишна клупа на која има компјутерски монитори
UNICEF/2016/Georgiev
16 Јули 2018

Инклузивно образование значи признавање дека сите деца, без оглед на нивните можности, се способни да учат и дека сите деца имаат потреба од поддршка. За вклучување на деца со оштетен вид во образованието потребна е асистивна технологија, без оглед дали се работи за високо софистицирани уреди или лесно достапни алатки создадени од тимот наставници. Во основното училиште „Гоце Делчев“ во Прилеп финансиските средства се ограничени, но креативноста и посветеноста на наставниците го надоместува тоа. Нивните инвентивни алатки, соработката со родителите и поддршката од другите ученици помагаат во недостиг на понапредна асистивна технологија. Приказната за Билјана покажува како наставниот тим ја прилагодува наставата на потребите на Билјана која има оштетен вид и посетува редовна настава во ова училиште од прво одделение.

Билјана, 14 годишен ученик со оштетен вид седи во училишна клупа на која има кукла што се користи за таа да учи како се викаат разни делови од телото на француски јазик
UNICEF/2016/Georgiev

Билјана има 14 години и е ученичка во седмо одделение. Зааедно со наставниците и другите ученици учи преку прилагодена наставна програма со помош на другите сетила, пред сè преку слух и допир.

Дино, соученик на Билјана (14 години) која има оштетен вид, и помага да ги лоцира деловите од телото со помош на кукла
UNICEF/2016/Georgiev

На часот по француски јазик Билјана заедно со Дино ги учи новите зборови поврзани со човечкото тело преку допирање на кукла.

Ирена, класен раководител и наставник по француски јазик и ги објаснува деловите од телото на француски на Билјана (која има оштетен вид) со помош на кукла
UNICEF/2016/Georgiev

За да се постигне инклузија на деца со оштетен вид во наставата, сите што се вклучени во образованието на детето треба да имаат ресурси и креативност за да можат да им помогнат на учениците во процесот на учењето. „На часовите по француски учиме три нови зборови секој час. Мојот пристап во пренесување на знаењето со Билјана е прво да ги запишам во тетратка за да може да ги вежба со семејството. За да им биде полесно дома, еве денешните зборови ги запишав со изговор на кирилица за семејството да може да и ги прочита“, вели Ирена, класен раководител на Билјана и професор по француски јазик.

Поделена фотографија на која од едната (левата) страна се гледаат рацета на Билјана која има оштетен вид како ги чита напишаните букви од сламки што го формираат нејзиното име; од другата страна на фотографијата е нејзината наставничка која објаснува како недостатокот на ресурси за училиштето да може во целост да е инклузивно се надминува со креативни методиѝ
UNICEF/2016/Georgiev

„Првпат се сретнав со Билјана кога таа беше второ одделение. Работевме на описменување со картончиња со букви направени од сламки“,вели Елизабета, дефектолог во училиштето. Картончиња со букви направени за потребите на Билјана. На фотографијата таа ги допира и го чита своето име „БИЛЕ“.

Тастатура на која букви направени од картон со текстура се залепени на типките за да може лица со оштетен вид да ја користат
UNICEF/2016/Georgiev

„Сега таа користи компјутер со прилагодена тастатура”, објаснува Елизабета. Компјутер со тастатура прилагодена на потребите на Билјана. Таа може делумно да ги види, но повеќе работи на тоа да ја запамети позицијата на секоја буква и знак под прстите.

Училишниот психолог Лилјана седи во нејзината канцеларија и објаснува како ја прилагодуваат наставната програма за да биде достапна за сите, вклучително и за децата со попреченост
UNICEF/2016/Georgiev

За учениците со оштетен вид неопходно е прилагодување на околината, на материјалите и на начинот на предавање. Секој ученик со оштетен вид има свои посебни визуелни потреби. Тие потреби ќе зависат од степенот на оштетување на видот, но и од други попречености или специфични особини на детето. „Наставната програма ја прилагодуваме на потребите на децата со попреченост во соработка со инклузивниот тим и родителите на децата. Инклузијата е можна само ако соработуваат сите. Секој ден пред часот наставниците имаат дневна подготовка во која влегува дополнителната активност за детето со попреченост вклучено во редовната настава“, вели Лилјана, психолог во училиштето.

Билјана, 14 годишен ученик со оштетен вид стои смеејќи се меѓу група соученици заедно со нејзината наставничка
UNICEF/2016/Georgiev

„Среќна сум што е прифатена од децата, се грижат за неа како за свој близок“, вели класниот раководител Ирена. Таа смета дека поддршката од семејството, наставниците и учениците се еден од најважните фактори за успешна инклузија на децата со попреченост во образованието.

Образовните цели за децата со оштетен вид во основа се сосема исти како оние на другите ученици. Тие цели се:ефективна комуникација, социјализација, здобивање вештини за вработување и лична независност. Сепак за да се остварат овие цели за учениците со оштетен вид се неопходни специфични интервенции и прилагодување на наставната програма. Ова училиште со многу ограничени средства успева да обезбеди услови Билјана да заврши редовно основно образование и да продолжи со школувањето.