Пред да научат стихотворби, бројки и букви, децата треба да научат како да ги изразуваат чувствата

Децата кои стекнaле силна емоционална основа во раното детство, имаат капацитет подобро да управуваат со секојдневните односи со другите луѓе понатаму во животот.

УНИЦЕФ МК
A group of children in a kindergarten looking at illustrations of different emotions with their teacher
UNICEF/2019/Georgiev

29 Март 2019

Раното детство не е само она време кога децата учат само како да ги направат првите чекори и да ги кажат првите зборови. Тоа се исто така клучни години кога - преку искуства со другите - децата почнуваат да ги градат сопствените очекувања од луѓето и од светот што ги опкружува. Тие секојдневно учат емоционални вештини кои се важни за воспоставување здрави односи во животот. Вештини како што се способноста да препознаат, изразат и контролираат голем број емоции. Вештини кои  ја прават основата за понатамошниот развој на децата и влијаат врз нивното ментално здравје и благосостојба.  

Научните истражувања потврдуваат дека децата кои стекнaле силна емоционална основа во раното детство  имаат капацитет подобро да управуваат со секојдневните односи со другите луѓе понатаму во животот. Затоа, заедно со Министерството за труд и социјална политика, УНИЦЕФ и Владата на Обединетото Кралство поддржуваат програма за социо-емоционален развој на децата на предучилишна возраст. Програмата започна да се применува во 30 градинки вклучувајќи ја и градинката “Корчагин“ од Скопје.

A group of children in a kindergarten looking at illustrations of different emotions with their teacher
UNICEF/2019/Georgiev

Преку игра, со помош на емотикони, децата ги истражуваат различните емоции и учат како најдобро да ги изразат.

“Пред да научат стихотворби, бројки, букви, децата треба да научат како да ги изразуваат емоциите“, вели Роса Цветановска, професор по предучилишно образование и воспитувачка која работи со тимот во градинката “Корчагин“ – Скопје. Роса е дел од групата од 30 воспитувачи во предучилишно образование кои беа одбрани и обучени да ја водат програмата.

A kindergarten teacher hugs two children while sitting in a kindergarten
UNICEF/2019/Georgiev

Роса им помага на децата да ги почувствуваат емоциите на другите и да одговорат на нив на вистински начин.

“Топлината и наклонетоста - дури и во лоши денови и кога децата не се однесуваат добро - се од клучно значење за благосостојбата на децата во раното детство. Секој што работи со деца знае колку е важно поттикнувањето на нивната емоционална интелигенција и емпатија.  Ги учиме на емпатија преку свесноста за тоа како се чувствува другиот. На тој начин се развива способноста на детето да ја разбере состојбата на другиот и да израсне во добар и внимателен човек,“ вели Роса.

A set of two photos with a child painting and a closeup of the painting
UNICEF/2019/Georgiev

Социјалните вештини најдобро се развиваат преку соработка и заедништво. Една од омилените игри во градинката е заедничко цртање и боење на големи листови хартија. Денес темата е “Срце“.

“Тие се премали за да го разберат значењето на зборовите со кои се именуваат емоциите – љубов, тага, лутина - но кога ќе нацртаме на пример џиновско срце и ќе ги прашам “на што те потсетува ова?“, велат “на мама, на тато, на тебе...“
 

A set of three photos with a small girl from kindergarten presenting different emotions
UNICEF/2019/Georgiev

Едно од децата ги покажува емоциите изненадување, незадоволство и радост.

“...тие не знаат што значи зборот изненадување, незадоволство или радост, но ја преознаваат состојбата и знаат да ја доловат со изразот на лицето.“

Physical exercise class in a kindergarten with children and teacher stretching
UNICEF/2019/Georgiev

Децата со голем интерес ги прифатија новите игри за свесно внимание и за смирување – заедно со Роса вежбаат движења какви што прави мачката. Ова е една од вежбите од новата програма за зајакнување на телото и умот на децата, опуштање и подготовка за следната активност.

“Свесно и намерно го насочувам времето со децата кон нивниот социо-емоционален развој. Тоа го правам промислено. Фактички тоа е и најголемата промена што ја воведе оваа програма. Кога наставникот има свесна намера да гради некоја способност кај децата, тогаш  ги планира активностите во тој правец. На пример, преку вежбите за дишење го стимулирам нивното внимание, контролата врз импулсите и емоционалната интелигенција; другите активности пак ги планирам за да им дадам можност да научат како да соработуваат со другите, како да споделуваат и како да се справуваат со проблеми.“

A photo of the Rosa - kindergarten teacher standing in front of the classroom
UNICEF/2019/Georgiev

Роса пред вратата во градинката. Наутро, пред да влезат, децата одбираат еден од емотиконите залепени на вратата за да покажат како се чувствуваат.

“Кога би се родила повторно, пак би била воспитувач. За да ја работиме оваа работа мора да имаме љубов, еве јас - сите ги сакам, и децата и колешките и родителите на децата. Сметам дека е многу важно воспитувачите прво да станат свесни за своите емоции, да научат да ги препознаваат и да ги искажуваат, а кога се работи за негативни емоции, да научат како да ги совладаат. Оваа програма исто така обезбедува поддршка за наставниците подобро да ги контролираат сопствените емоции. Дури потоа може да работат со деца.“