Оспособување на младите иноватори за да се поттикнат општествени промени

Кога младите ќе добијат фер шанса да придонесат за развојот на општеството, да бидат иновативни и да научат практични вештини со кои ќе се зголеми нивната вработливост и перспектива воопшто, тоа им користи не само ним, туку и на целото општество.

УНИЦЕФ МК
A young boy working on a prototype during the UPSHIFT event
UNICEF/2019/Georgiev

29 Март 2019

Десет тима млади на возраст од 13 до 19 години учествуваа во третиот круг на UPSHIFT програмата (“Менување во поголема брзина“) - со која младите се оспособуваат да станат социјални иноватори и претприемачи преку работилници за дизајнерско размислување, каде се оспособуваат лично, се подготвуваат за влез на пазарот на трудот и стекнуваат вештини за активно граѓанско учество.  

Запознајте ги тимовите на кои им беа доделени по 120.000 денари почетни средства за да ги претворат своите идеи во реалност - иновации со кои другите млади луѓе ќе се инспирираат да преземат акција, да го кренат гласот и повеќе да се грижат за заедницата во која живеат.

A group of boys working with their teacher on the presentation of their idea during UPSHIFT event
UNICEF/2019/Georgiev

Поттикнати од недосигот на можности за практична обука по предметите како што се компјутерско моделирање и конструкција, автоматско ракување и програмирање на машини, Тоше и двајцата Стефановци од средното училиште „Коле Нехтенин“ во Штип, ги комбинираат можностите за иновации, пракса и учење. Нивниот план е да конструираат нова CNC-машина (Компјутерска нумеричка контрола) за гравирање и да ја користат во своето училиште, со цел учениците да стекнат практично искуство при создавање и користење на машината. Нивната идеја е да им се помогне на младите подобро да се подготват за пазарот на трудот, но и за остварување приход. Нудејќи граверски услуги, тие поставуваат темели на самоодржлива училишна компанија, при што добивката повторно ќе се вложи во подобрување на квалитетот на образованието во училиштето. Дел од остварените приходи ќе се употребат за помош на сиромашните деца од училиштето.

A group of young people and their teacher preparing their presentation for a beekeeping project during UPSHIFT event
UNICEF/2019/Georgiev

Слично како момчињата од Штип, и четирите момчиња од средното училиште „Браќа Миладиновци“ во Скопје сакаат да го збогатат своето образование и да ја зголемат својата вработливост. Но, Ангел, Стефан, Ејуп и Бејтула креираат и можности за социјално претприемништво во пчеларството. Во моментов, во рамките на наставните планови и програми, тие добиваат многу основни сознанија за пчелите и за нивната улога во екосистемот, без можност за практична обука или набљудување. Токму затоа, тие одлучија да се пријават за UPSHIFT со идеја да основаат пчеларска задруга, за тие и идните генерации да имаат можност да учат преку набљудување и практика, a и да градат претприемачки вештини.

Jovan, Nina, Iva and Aleksey prepare their permaculture project idea presentation during the UPSHIFT event
UNICEF/2019/Georgiev

Јован, Нина, Ива и Алексеј од ОУ „Крсте Мисирков “ во Куманово сакаат во своето училиште да воведат иновативно пермакултурно градинарство, за сите ученици да научат за придобивките од целосниот циклус на паметно органско градинарство. Нивната идеја е да ја подигнат свеста за здравата храна и да ги поттикнат децата на размислување за тоа како ги користат ресурсите и какво е нивното влијание врз животната средина. Исто така, целта на пермакултурната градина е да се збогати комуникацијата меѓу учениците, наставниците и родителите, како и на целата локална заедница. Преку UPSHIFT, тие сега ќе имаат шанса да ги постават темелите на новата градина, која ќе се развие со започнување производство на овошје и зеленчук.

A group of boys and girl with their teacher standing on a beach near the Ohrid lake
UNICEF/2019/Georgiev

Креирање  систем за испрашување и оценување на знаењето на учениците во реално време е иновативна идеја на Илија, Елена, Викторија и Кире од средното училиште „Киро Спанџов - Брко“ во Кавадарци. Тие сакаат да придонесат за подобрување на квалитетот на образованието во своето училиште преку воведување  нова алатка која ќе ги подобри ефикасноста и прецизноста на тестирањето на знаењата на учениците, а ќе ги ограничи можностите за субјективност при оценувањето.  Овие четворица средношколци веќе развија прототип кој беше тестиран во нивната училница. Во моделот се употребени безжични уреди за далечинска контрола кои ќе ги користат сите деца за истовремено да одговорат на прашања прикажани на екранот, под надзор на наставникот.

Two girls giving high five during UPSHIFT event
UNICEF/2019/Georgiev

Забележувајќи ги проблемите што некои деца со попреченост ги имаат при учење математика, Мартина, Симона, Анастасија и Аријан од средното училиште „Јовче Тесличков“ во Велес, беа инспирирани да ја искористат својата љубов кон овој предмет за да најдат решение. Тие изработија игра за учењето да биде полесно и позабавно. Истражувајќи како математиката да им ја приближат на децата со тешкотии во учењето, тие се консултираа со наставници и експерти во областа и осмислија игра која е успешно искомбинирана со учење, при што се користат неколку сензорни информации одеднаш, вид, звук, допир, и др. Со тридневната работилницата и со помошта од менторот, тие добија шанса да ги истражат можностите за натамошно развивање на својот прототип. „Ние не сме никакви математички генијалци, туку едноставно сакаме логика и сакавме да ги научиме и другите деца колку е лесно ако се покаже на вистински начин“, вели Анастасија.

A group photo of the participants on the UPSHIFT event standing on a beach near Ohrid lake
UNICEF/2019/Georgiev

UPSHIFT комбинира работилници за социјални иновации, каде младите можат да научат нови вештини, со менторство и финансиски средства, за подобро да се детектираат проблемите во нивните заедници, да се најдат иновативни решенија за нив и да се добие поддршка за остварување на нивната идеја. Иницијативата UPSHIFT претставува партнерство меѓу Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Фондот за иновации и технолошки развој и УНИЦЕФ, а ја имплементира CEED HUB.