Млади луѓе со рецепт за промена

Пет девојки од средното училиште „Јане Сандански“ од Струмица се здружија за да направат промена, за младите луѓе од нивното училиште и заедница да имаат алтернативи за здрава исхрана наспроти „богатата“ понуда на бургери, пици, печива и газирани пијалоци

УНИЦЕФ
Тим од пет девојки што носат зелени маички, на секоје од нив по еден збор, што заедно ја формираат реченицата здрава храна за здрави генерации
UNICEF/2018/Georgiev

14 Декември 2018

Пет девојки од средното училиште „Јане Сандански“ од Струмица се здружија во тим за да направат промена, за младите луѓе од нивното училиште и заедница да имаат алтернативи за здрава исхрана наспроти „пребогатата“ понуда на бургери, пици, печива и газирани пијалаци. Преку програмата UPSHIFT, која има за цел да ги поттикне младите луѓе на  социјално претприемништво, тие сега се сведоци како нивната идеја стана реалност.

Како и повеќето тинејџери, Викторија, Мија, Лина, Верица и Ивана сакаат да бидат вклучени насекаде и да ја искористат секоја можност на која ќе наидат. Тие сакаат да се дружат со своите пријатели, уживаат кога се на училиште, да слушаат музика, да пеат или едноставно да се забавуваат. Но, за разлика од повеќето тинејџери кои не водат грижа за квалитетот на храната која ја јадат,  овие динамични девојки разбираат дека и покрај целата убавина во тоа, кога станува збор за храна, кај младите, како што тие велат, тоа често значи „слепо следење на модерните трендови кои директно и негативно влијаат на квалитетот на живот за младите луѓе”.

„Насекаде во околината на нашето училиште, може да се купат само бургери, сендвичи, пици, печива или газирани пијалаци. И тоа не е проблем само за време на училишните часови. Не постојат опции за здрава храна низ цела Струмица,” кажува Верица.

За овие пет девојки, тоа едноставно било неприфатливо, бидејќи влијае на нивното здравје, развој, а кај многу млади луѓе тоа придонесува и за проблеми со тежината.

„Мораше да се направи нешто и кога го видовме повикот за UPSHIFT, знаевме дека имаме шанса да направиме промена за нас и за идните генерации во нашиот град,” вели Викторија.    

И, тие го направија тоа. Дури и пред да бидат известени дека се избрани за првата работилница за UPSHIFT во земјата, тие веќе ја имаа поставено основата за својата идеја – ново мало катче за здрава храна во нивното училиште. Тие почнаа да соработуваат со локалното земјоделско средно училиште, најдоа неколку спонзори и деловни партнери, и успеаја и училишното раководство да се согласи тие да ја користат опцијата за „училишна компанија” за да можат да ја спроведат својата идеја.

„Кога не известија по е-пошта дека сме избрани за UPSHIFT, целото училиште се крена на нозе – од врескање и славење” кажува Ивана.

Тие имаа можност да ја продлабочат својата идеја за време на работилницата за UPSHIFT, организирана од CEED Hub Скопје, со поддршка на Министерството за образование, Бирото за развој на образованието, Фондот за иновации и технолошки развој и УНИЦЕФ, под водство на искусни ментори.

Тимот од пет девојки работи на маса на нивните планови за време на првата апшифт работилница, заедно со нивниот ментор
UNICEF/2018/Georgiev

Катчето за здрава храна наречено „Биди зелен ти” навистина ќе стане реалност – тоа беше една од петте идеи која беше избрана да добие финансиска поддршка. Децата од училиштето ќе можат да нарачуваат оброк преку мобилен телефон или на веб апликација и оброкот да им биде спремен за паузата за ручек.

Најдобриот аспект на оваа идеја е фактот што станува збор за одржливо решение. Приходите ќе се инвестираат за водење и натамошно развивање на бизнисот, а девојките имаа многу идеи како да се користи просторот во ресторанот за дополнителни настани или како место за заедничко работење. Во духот на тимска работа и социјално претприемништво, тие дури се согласија да споделат дел од својот приход со друг тим од истото училиште кој имаше идеја да се развива простор за физички активности на лица со попреченост.

Групна прегратка на петте девојки откако дознаа дека се еден од петте победнички тимови на првата апшифт работилница
UNICEF/2018/Georgiev

„Ова е прекрасно искуство; тимската работа, натпреварувањето, пријателствата и целото стекнато знаење. Навистина уживав во сѐ,” вели Мија.

„Уште попрекрасно е да се види како нашата идеја станува реалност,” додава Лина.

Биди зелен ти - тимот ја презентира својата проектна идеја на апшифт работилницата
UNICEF/2018/Georgiev

„Биди зелен ти” ќе помогне на децата од училиштето да водат посреќен и поздрав живот. Но, подеднакво важно е дека тоа ќе инспирира многу други луѓе, од нивното училиште, од нивниот град и од целата земја, да станат поактивни, да се слушне нивниот глас и да покажат грижа за средината во која живеат.

Тоа се всушност и клучните цели на програмата UPSHIFT, која има за цел да ги поддржи младите луѓе да станат социјални иноватори и претприемачи. Тоа е комбинација на работилници за социјални иновации, каде младите луѓе можат да учат нови вештини, по пат на менторство и финансирање, за да можат подобро да ги откриваат проблемите во нивните заедници, да изнаоѓаат иновативни решенија за нив, и да добиваат поддршка со која нивните идеи ќе станат реалност. Тоа ја поттикнува нивната резилиентност, креативност, самодоверба, а на заедниците им се овозможува да се развиваат благодарение на решенијата кои тие ги креираат.