Младите волонтери покажаа дека можат да справат со предизвикот на КОВИД-19

„Преку работилниците на УНИЦЕФ се запознав со многу врсници кои, исто како мене, сакаа да придонесат на светско ниво во ова тешко време.” - Инес, 15 години

Анџела Хок
Young volunteers zoom meeting screenshot
УНИЦЕФ, слика од екранот од април 2020 г.
26 Мај 2020

Кога ќе настапи криза, полесно се реагира ако веќе сте воспоставиле корисни алатки и ако сте подготвени да иновирате, да менувате од корен и брзо да реагирате. За ова одличен пример е иницијативата на УНИЦЕФ во Северна Македонија насловена како „Волонтерство во време на КОВИД-19“. Иницијативата се надоврзува на програмата за млади волонтери што се спроведуваше пред земјата да биде присилена да воведе забрана на движење поради КОВИД-19, и која за кусо време се прилагоди за да одговори на предизвикот на „новата нормала“. Сега волонтерите ја преземаат диригентската палка со тоа што формираат иницијативи во своите заедници како поддршка на реакцијата на светот кон пандемијата на КОВИД-19. 

Машината веќе беше ставена во погон. УНИЦЕФ веќе почна да работи на создавање мрежа од млади волонтери со иновативен пристап во кој младите го водат целиот процес, од препознавање локални проблеми до пронаоѓање – и обезбедување – практични решенија. Задачата беше овој пристап да се прилагоди во ситуација кога има КОВИД-19.  

Немаше потреба да се ‘измисли топла вода‘, веќе ја имавме“, рече Патриција ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ. „Но, младите волонтери успеаја да направат побрзо да се движи“. 

 

На почетокот на 2020 г., УНИЦЕФ преку социјалните медиуми објави отворен конкурс за млади лица кои сакаат да влезат во тимот како волонтери. Околу 160 млади луѓе изразија интерес да преземат различни улоги како дигитални активисти, водачи на кампањи, учесници во ангажирање на заедницата, млади репортери и уште многу други задачи. На вториот конкурс 22 млади луѓе имаа желба да учествуваат на работилниците за идеи за дизајн, каде што можеа да ги споделат искуствата и работите што ги загрижуваат, да ги откријат најитните предизвици и да изнајдат сопствени решенија.  

Беа исполнети сите услови за да се одржи камп за обука за идеи за дизајн. Тогаш нѐ погоди КОВИД-19. Во земјата се воведе забрана за движење. И наеднаш беше невозможно луѓето да се сретнат лице в лице, а истовремено потребата од обука стана неизмерно важна. 

УНИЦЕФ издејствува брзо за да ја пресели целата програма на интернет со помош на онлајн видео-конференција. И во април, обуката лице в лице се претвори во двонеделна низа дигитални работилници.  

 

Откривање на предизвиците 

Со методите за дизајнирање што се фокусираат на потребите на луѓето, процесот започна со сесија наречена „опипување пулс“, во која на учесниците им беше покажано како да проникнат до ставовите на пријателите, роднините и заедниците во врска со тоа како се чувствуваат во време на пандемија. Преку своите канали за социјални медиуми, учесниците водеа разговор со 100-150 луѓе и открија дека постојано се повторуваат истите теми:  

  • „Сакам повторно да се чувствувам слободно, сега се чувствувам заробено, затворено, збунето и беспомошно“. 
  • „Ми недостигаат старите рутини, стариот начин на живот“. 
  • „Ми треба повеќе поддршка за моето ментално здравје“. 
  • „Ми недостигаат другарите – со изолацијата сфатив колку е важно да комуницирамеедни со други“. 
  • „Би сакал/а во периодов да научам нешто ново и да совладам нови вештини, но не сум толку мотивиран/а да правам било што“. 
  • „Училиштето е потешко и постресно од претходно; би сакал/а професорите да покажеа поголема емпатија за нашите потреби во овој период“. 
  • „Луѓето се придржуваат до правилата иако се скептични за информациите што се споделуваат“. 

     

Визија за успех 

Потоа од младите волонтери беше побарано да образложат како го замислуваат успехот, беа прашани дали би можеле да преземат чекори за реакција на пандемијата на КОВИД-19 краткорочно и за други предизвици долгорочно. Изнајдоа шест теми:  

  • поврзување и солидарност 
  • помагање едни на други 
  • добро информирана јавност 
  • позитивно чувство, среќа, делување и отпорност 
  • заштита на Земјата и на човештвото 
  • волонтерите да дадат вистински придонес 

 

Од овие теми произлегоа низа прашања за тоа како визијата да се претвори во реалност, од „Како да им помогнеме на луѓето да го негуваат менталното здравје и емотивната добросостојба во ваков период?” до „Како да ги надминеме скептицизмот и дезинформациите за да споделуваме информации за КОВИД-19 со кои ќе спасиме нечиј живот?”   

 

Од идеи до акција 

Тогаш дојде време да се изнајдат решенија во работилница осмислена за да создаде услови за вистинска креативност. Младите беа поттикнати да одат на големо, да не се мислат многу, да ги слушаат идеите на другите и да бидат отворени без оглед во која насока се движи разговорот. Ги искористија одделните простории за разговор, споделувањето документи и другите опции за процесот да тече понатаму.  

И заедно овие млади луѓе осмислија над 100 идеи за да им помогнат на заедниците за време на кризата со КОВИД-19.  

 

Учесниците гласаа за идеи што можат да постигнат најголем резултат во заедниците без притоа никого да загрозат. Потоа од ризницата идеи избраа три што треба да се доразвијат и што ќе бидат полезни уште долго време откако ќе заврши пандемијата на КОВИД-19:  

 

  • Иницијативата #SadiSiDoma (#PlantAtHome): предизвик за градинарство + нула отпад има за цел да ги поттикне луѓето да садат и одгледуваат семе имајќи ги предвид материјалите и просторот што го имаат дома. Целта е да се совладаат нови вештини и да се зачува менталното здравје, на тој начин што младите се предизвикуваат и поддржуваат едни со други за да си направат градина дома, а фокусот е на подолгорочните еколошки придобивки од рециклирањето. 
  • Психолози онлајн: волонтери промовираат позитивни пораки за потребата од негување на менталното здравје и барање помош ако е потребно.. 
  • Филмски клуб: волонтери покануваат други волонтери да го надминат чувството на изолација со гледање филм заедно преку интернет, така што и во излоација се заедно и притоа почитуваат физичко дистанцирање. 

 

„Се чувствувам посилна зашто знам дека и во овој тежок период ќе им помагам на луѓето да бидат будни, да бидат позитивни и да останат дома. Кога сме заедно на работилниците, освен што запознавам нови луѓе, можам да увидам и дека сите на различен начин замислуваат како да го решат истиот проблем“. 

Ерјона, 15 г. 

 

За да не губат време, младите волонтери започнаа со #PlantAtHome на 5 мај, а планираат да оформат банки на семиња, да разменуваат семињата и што уште не. На инстаграм профилот  што го отворија за програмата привлекоа 500 следбеници за само една недела, а уште 50 волонтери се приклучија на иницијативата како мотиватори. Иако УНИЦЕФ планира да обезбеди „почетнички комплети“ за новите градинари, целата иницијатива ја водат млади луѓе – од првичната идеја до започнувањето и спроведувањето.    

 

„Ова е навистина возбудлива компонента на нашата соработка со младите,“ додава ди Џовани, претставничката на УНИЦЕФ. „Освен што го поддржува правото на учество во изнаоѓање решенија за прашањата што ги тангираат, им дава и шанса да ги канализираат енергијата и креативноста во нешто навистина позитивно во период од животот кога имаат голема потреба да се поврзат едни со други. И на овој начин се ослободува нивниот огромен потенцијал за давање придонес: не само за сопствената добросостојба, туку и за добросостојбата на целото општество“. 

 

За повеќе информации, посетете ја иницијативата за волонтери на УНИЦЕФ во Северна Македонија