Младинските застапници на УНИЦЕФ поттикнуваат промени за подобар пристап до правда за децата преку и
Ги претставуваме петте тима кои понудија решенија за подобар пристап до правда за децата во контакт со законот
Кога ќе им се даде соодветна платформа и можност, децата и младите се способни да предложат решенија, да дадат идеи и да инспирираат позитивни промени и во животот на другите. Но учеството на децата и младите не треба да се сведе само на можност да се искаже мислење. Учеството подразбира информираност, вклученост и влијание врз одлуките и прашањата кои го засегаат животот на децата во семејниот дом, во училиштето и во заедницата.
УНИЦЕФ ги поддржува иницијативите за учество за да им помогне на адолесцентите да се здобијат со вештини што им се неопходни за да формираат мислење и да го разберат и применат целиот опсег на свои права. Една таква иницијатива е Младински застапници за правда за децата, во која се вклучија деца и млади за директно да понудат решенија за подобрен пристап до правда за децата.
По отворен повик, шеесет деца и млади од различно социјално и економско потекло од целата земја се приклучија кон иницијативата на УНИЦЕФ Младински застапници за правда за децата. Оваа програма е единствена по својот пристап, бидејќи разновидната група исто така вклучуваше деца и млади од воспитно-поправна институција и од малите групни домови, со што се создаде можност за нив, водени од своите искуства со правосудниот систем, да бидат дел од решенијата и да се слушне нивниот глас.
Едногодишната програма овозможи безбеден простор каде што децата и младите имаа можност да ги споделат своите проблеми, предизвици и стравови и заедно да бараат решенија за нив. Иницијативата ги изложи на нивните различни реалности и предизвици со системот што ја зајакна нивната посветеност да се залагаат за правата на децата кои се во контакт со законот.
Со поддршка од пет професионални ментори со значително искуство во правосудниот систем и по тридневна обука за правата на децата, Младинските застапници за правда за децата развија механизми и решенија и ги презентираа своите идеи за директна поддршка, застапување или потенцијално проширување на форум на владини претставници, академската заедница, граѓанскиот сектор и други партнери. Еве ги нивните решенија.
„Со оваа иницијатива сакавме отворено да кажеме дека секое дете треба да има пристап до образование и дека ова право не смее да биде ускратено бидејќи детето направило грешка или дошло во контакт со законот. Образованието не смее да се заснова на проекти и треба да биде обезбедено од страна на државата,“ вели Симона Переска, 18-годишна девојка од Скопје.
Емре Џелин, 18-годишно момче кое моментално е сместено во воспитно-поправна установа, беше дел од оваа група. Тој вели дека властите треба да ги спроведат своите заложби во пракса – да обезбедат непречено образование за децата кои се во контакт со законот. „Немаме континуирано образование во институцијата. Бараме ова прашање да биде решено еднаш засекогаш.“
„Кога Емре за првпат ја сподели оваа информација, а тоа беше за време на работилницата во Крушево, знаевме дека тоа е нашата тема - да ја подигнеме свеста за правото на образование на децата кои се во контакт со законот.“ вели Андреа Велиновска од Градско, Велес.
Тимот Образование за сите излезе со препораки за постигање системско решение, кои вклучуваат и партнерство со организациите за човекови права за да се засилат нивните напори за застапување.
„Искрено, не сакавме да експериментираме, всушност сакавме да воведеме врсничка медијација затоа што видовме колку успешно функционира во други земји. Добивме обука од Комората на медијатори и би сакале да го пренесеме ова знаење на нашите врсници за да можат да станат училишни медијатори. Сите ние сме свесни дека кога децата доживуваат некаков проблем, полесно се обраќаат на своите врсници отколку на институциите. Доколку врсничкиот медијатор не најде решение, тогаш ги активираме/известуваме училишните експерти,“ рече Десанка Николова, 18-годишна ученичка од средното училиште „Димитрија Чуповски“ во Велес.
Оваа група подготви видео со насоки што треба да се стори кога ќе се посведочи или искуси врсничко насилство. Видеото ќе го прикажат во неколку училишта, а ќе почнат од своите училишта. Тие се надеваат дека на овој начин ќе ги поттикнат младите или сами да ги пријават проблемите или да разговараат со своите врсници.
„Врсничката медијација генерално е многу поефикасна алатка, дури и од финансиска перспектива, бидејќи судските постапки можат да бидат скапи и многу долги, а во многу случаи, пресудата не се донесува лесно. Директното обраќање на медијатор може сосема да го спречи одењето на суд,“ забележа Стефан Атанасовски Трајковиќ, 17-годишен ученик од средното училиште „Кочо Рацин“ во Велес.
Да се стане иницијатор, некој кој бара акција, може од темел да го смени начинот на кој учениците ја перципираат сопствената улога на училиште. Бисера Гировска, ученичка од четврта година во „Орце Николов“, Скопје, вели дека „децата главно не се свесни дека можат да предложат и да водат воннаставна активност на училиште. Исто така, во случаи кога нивните права се ускратени, тие не знаат каде треба да го пријават тоа. Многумина од нив мислат дека дури и да пријават, институциите нема сериозно да ги сослушаат.“
„Мораме да излеземе од тој начин на размислување. Без разлика колку и да се мали прашањата, важно е да преземеме иницијатива и да се справиме со проблемите,“ вели Бисера.
Тимот изработи прирачник за да им помогне на студентите да ги препознаат своите интереси, да најдат поддршка од наставниците и менторите и да обезбедат материјали и ресурси со кои училишните клубови ќе можат да функционираат. „Прирачникот што го изработивме ќе ги води учениците чекор по чекор како да организираат и започнат различни училишни клубови. Нашата намера е прирачникот да биде достапен во сите училишта,“ рече Стефанија Јакимовска, ученичка од четврта година во средното училиште „Кочо Рацин“ во Велес.
„Верувам дека кога ни се дава можност да учествуваме во воннаставни активности, во проекти кои се надвор од рамките на часовите во училиште, се стекнуваме со повеќе сознанија за светот околу нас, како и за нас самите. Градиме чувство на правда и иницијатива,“ рече Бисера.
Стефанија верува дека создавањето училишни клубови го надминува традиционалното гледање на клубовите како на „одличен начин да се почне со хоби или да се изразат различните таленти на учениците“. Таа верува дека ангажирањето во воннаставните активности може да создаде можност за ранливите деца да ја изградат својата самодоверба, своето чувство на припадност и да ја пренасочат енергијата во позитивна насока. „На овој начин, можеме да спречиме врсничко насилство, злоупотреба, а евентуално и доаѓање во контакт со законот.“
Третиот тим работеше на утврдување на постоечките ресурси и поддршка кои се достапни, но не им се широко познати на децата и младите.
„Идејата ни дојде за време на работилницата кога на прашањето: кому би му се обратиле доколку имаме некаков проблем или повреда на нашите права, ги именувавме училишниот педагог, родителите или полицијата,“ рече Иларија Димулкова, ученичка од 4-та година во средното училиште „Орце Николов“ во Скопје. „Подоцна, откривме дека постојат други институции, ресурси и линии за помош кои се достапни, но не се доволно промовирани меѓу децата и младите,“ додаде Иларија.
Со цел да понудат решение, тие создадоа веб-страница наречена mechta.mk, каде што младите можат да најдат повеќе информации и контакти од граѓански и младински организации кои нудат совети, правна помош и поддршка во случаи на дискриминација или злоупотреба.
„Мораме да ги приближиме овие услуги до децата и младите. Ако не знаат дека постојат линии за помош, тогаш зошто постојат?“ праша Иларија. „Зошто да има линии за помош ако никој не им се јавува!?“
„Голем дел од младите не знаат дека постои таква поддршка,“ рече Леон Али, 18-годишен ученик од училиштето „Шаип Јусуф“ во Скопје. „Со цел да допреме до децата и младите кои немаат пристап, или пак имаат ограничен пристап до интернет или паметни телефони, ќе споделиме постери во основните и средните училишта, почнувајќи од нашето училиште.“
„Кога почнавме да раговараме кои прашања би сакале да ги истакнеме, сфативме дека постои една тема што нè обединува сите без разлика од каде доаѓаме – врсничкото насилство. Со оваа претстава сакавме да ја подигнеме свеста кај учениците, наставниците и родителите за улогата што секој од нас ја игра кога толерира однесување што може да прерасне во врсничко насилство, како и за улогата што може да ја одиграме за да ги обесхрабриме силеџиите и така да пречиме насилство,“ рече Сара Елмаз, ученичка од училиштето „Арсени Јовков“ во Скопје.
Преку форум театарот, тие истражуваа различни решенија за однесувањата прикажани во претставата, притоа давајќи им можност на гледачите да влијаат на претставата, да ја запрат или да го променат текот на настаните.
„Преку Форум театарот добивате непосредно искуство за тоа како е да се биде малтретиран. Мислам дека на многу убедлив начин ја прикажува поентата,“ додаде Лора Милошевска, 17-годишна ученичка во средното училиште „Орце Николов“ во Скопје.
На форумот на кој присуствуваа владини претставници, канцеларијата на Народниот правобранител, академската заедница и граѓанскиот сектор, петте тима покажаа колку е важна консултацијата со младите не само затоа што тие се креативни и ги согледуваат прашањата од различна перспектива. Консултацијата е важна, а тоа го покажаа младите застапници, и затоа што преку нивно систематско вклучување во работите на општеството им се овозможува да израснат во отпорни и активни граѓани кои умеат да застанат зад своето мислење и да направат промени.
Активностите се дел од двегодишната инцијатива „Just(ice) children – ЕУ за малолетничка и детско-одговорна правда“ финансирана од Делегацијата на Европската Унија и конфинансирана од УНИЦЕФ, која ги поддржува напорите на Владата за реформи со кои ќе се обезбеди правосудниот систем да ги штити правата на децата кои доаѓаат во контакт со законот. Иницијативата Младински застапници за правда за децата беше спроведена во соработка со Младинскиот образовен форум