Малите групни домови не се само место за живеење, туку место кое кај децата создава чувство на љубов
Малиот групен дом, како оној што постои во Берово е една од алтернативите за деца кои не можат да растат во семејство.

- English
- Македонски
Замислете како изгледа за едно дете да расте без да има покрај себе некој што ќе му ја посвети својата љубов, грижа и заштита. Кога грижата на семејството ја нема, на детето му препукнува срцето и може да му штети на растот и на развојот. Големите институции, како што се домовите за деца без родители, никогаш не можат да ја заменат љубовта и поддршката која се добива во семејно опкружување. Затоа, УНИЦЕФ помага на Владата да се стави крај на сместувањето деца во големи институции и да се трансформираат институциите за да бидат во поддршка на алтернативи начини на семејно згрижување во заедниците.
Малиот групен дом, како оној што постои во Берово е една од алтернативите за деца кои не можат да растат во семејство. Во изминатите девет години, во овој дом се обезбедува безбедно и грижливо опкружување налик на семејно кое служи како модел за алтернативен начин на згрижување во заедницата наместо згрижување во големи институции.
На кој начин се гради семејно живеење во малиот групен дом во Берово? Прво, малиот групен дом во Берово е обична куќа во едно маало каде живеат други семејства. Како и другите семејства, тоа е дом каде мал број деца живеат заедно и добиваат дваесет и четири часа грижа и поддршка од воспитувачите.

Како и во другите семејства, децата во малиот групен дом имаат поединечна интеракција, грижа и љубов кои им се потребни од возрасно лице.
Четири од петте деца кои моментално живеат во малиот групен дом во Берово беа на предучилишна возраст кога за прв пат беа згрижени во домот. Тие сега се пораснати адолесценти кои се успешни на училиште и во животот. И покрај тоа што се наоѓаат во деликатна тинејџерска возраст, тие сепак уживаат во топлата прегратка на нивните воспитувачки и на секоја од нив се обраќаат со „мама”.

Како и во другите семејства, малиот групен дом на децата им создава чувство на стабилност и припадност.
Обезбедувањето одредена рутина, односно посветување време за секојдневните работи како што тоа се прави во едно вообичаено семејство, како што се јадење, учење или играње е клучно за децата да развијат чувство на стабилност и припадност. „Сите деца се различни, ги следиме нивните лични интереси, нивните чувства и даваме сѐ од себе за да ги поддржиме,” вели Кржоска.

Како и во другите семејства, децата во малиот групен дом живеат во средина која им овозможува развој.
„Децата напредуваат на повеќе различни нивоа: тие имаат подобри резултати на училиште, подобро здравје и здрави навики, самодоверба, социјални вештини,” вели воспитувачката Јасмина Кржоска.

Секое семејство кое пружа поддршка кај детето гради чувство на одговорност и себе вреднување и го подготвува за независен живот. Tоа се гради и во малиот групен дом.
Кога децата постепено се воведуваат да преземат поголема одговорност, не само што им се зголемува самодовербата, туку и нивната љубопитност и амбиција. „Да се стане поодговорен за нив претставува важна одредница, бидејќи тие ќе мора самостојно да постапуваат за да бидат успешни откако ќе наполнат 18 години,” вели Кржоска.
УНИЦЕФ ја поддржува реформата предводена од Владата за деинституционализација, со која, меѓу другото, се прават напори да се обезбеди секое дете во земјата да расте во безбедно и грижливо семејно опкружување преку инвестирање во превенција од напуштање на децата и поддршка за биолошките семејства; инвестирање во подобрен квалитет на алтернативно згрижување преку стандардизација; проширување на мрежата на згрижувачки семејства и мали групни домови за деца без родителска грижа и инвестирање во рано откривање и интервенции при развојни тешкотии.
*Имињата се изменети за да се заштити идентитетот на децата.