Како да го поддржите менталното здравје на вашето дете откако ќе се врати на училиште

Како родителите да им помогнат на децата да се снајдат со своите чувства при повторното отворање на училиштата

UNICEF
Момче со маска седи на клупа и држи молив
UNICEF/2020/Pappas
24 Септември 2020

Епидемијата на корона вирусот предизвика големи нарушувања во секојдневниот живот, а децата длабоко ги чувствуваат ваквите промени. Многу ученици ќе го поздрават враќањето на училиште и ќе бидат возбудени околу тоа,  додека пак други ќе се чувствуваат вознемирено или исплашено. Еве неколку совети за да им помогнете на вашите деца да се справат со комплицираните емоции со кои можеби ќе се соочат по враќањето на училиште.

 

Моето дете се плаши да се врати на училиште. Како да му помогнам да се чувствува пријатно?  

Тргнувањето на училиште или започнувањето нова учебна година може да биде стресно и во најдобрите моменти, а камоли за време на глобална пандемија. Детето ќе го опуштите на тој начин што преку отворен разговор за она што го загрижува ќе му кажете дека е природно да се чувствува вознемирено.

Децата може да се чувствуваат нервозно или да не сакаат да се вратат на училиште, особено ако учеле од дома со месеци. Бидете искрени - на пример, може да споменете некои од промените што ги очекуваат на училиште како потребата да се носи заштитна опрема во вид на маска. Исто така, на децата може да им падне тешко да бидат физички оддалечени од другарите и наставниците додека се на училиште - може да ги поттикнете да размислат за други начини на поврзување и одржување врска.

Успокојте ги децата околу воспоставените безбедносни мерки кои ќе им помогнат нив и на наставниците да  останат здрави и потсетете ги дека и тие помагаат за спречување на ширењето на микробите миејќи ги рацете со сапун и кашлајќи или кивајќи во подлактицата.

Потсетете ги децата на позитивните страни - дека ќе се видат со другарите и наставниците (ако физички се враќаат на училиште) и дека ќе продолжат да учат нови работи.

 

Училиштето на моето дете препорачува носење заштитна опрема, па затоа моето дете се чувствува понервозно. Што да му кажам?

Пристапете кон овој разговор со емпатија, велејќи дека знаете оти се чувствува вознемирено во врска со корона вирусот, но дека е здраво да зборуваме за нашите грижи и емоции. Децата може да се вознемират или да се фрустрираат и ако им е тешко да носат маски, особено кога трчаат или играат. Уверете ги вашите деца дека многу возрасни вредно работат за вашето семејство да остане безбедно, но потенцирајте дека е важно сите да ги следиме препорачаните мерки и да се грижиме за поранливите членови на нашата заедница.  

 

Како да го поттикнам моето дете да ги следи мерките на претпазливост (како што се  често миење раце, физичко дистанцирање и сл.) на училиште без да го вознемирам?

Еден од најдобрите начини да се заштитат децата од КОВИД-19 и од други болести е едноставно да се поттикне редовно миење на рацете. Тоа не треба да биде застрашувачки разговор. Пејте ја заедно неговата омилена песничка или заедно танцувајте за учењето да биде забавно. Поучете го дека и покрај тоа што микробите се невидливи, сепак постојат. Кога децата ќе сфатат зошто треба да ги мијат рацете, веројатно ќе продолжат со тоа.

Исто така, може да им покажете на децата како да се покријат со подлактицата кога кашлаат или киваат, и да ги замолите да ви кажат ако почувствуваат дека имаат температура, им се кашла или тешко дишат.

>> Прочитајте сè што треба да знаете за миење на рацете

 

Моето дете не е во иста група со блиските другари што се враќаат на училиште и се чувствува уште поизолирано. Како да се поврзе повеќе со паралелката и со другарите?

Ако училиштето на вашето дете постепено се враќа на старо, можеби детето ќе се вознемири ако се одвои од другарите. Кога ќе се најави официјалното повторно отворање на училиштата, помогнете му да се подготви за враќање на училиште информирајќи го кога и како тоа ќе се случи. 

Ако однапред им дадете до знаење на вашите деца дека училиштата можеби ќе треба повторно да се затворат, ќе им помогнете да се подготват за периодот на прилагодување што им претстои. Исто така, важно е и натаму да ги потсетувате дека учењето може да се одвива и на училиште и дома.

За оние со пристап до интернет, безбедното и надгледувано користење на онлајн-игри, на социјалните мрежи и програмите за видео-разговор дава одлични можности децата да се поврзат, да учат и да си играат со своите другари, родители и роднини додека се дома. Исто така, може да ги охрабрите да го употребат својот глас на интернет за да ги споделат своите ставови и да ги поддржат оние што имаат потреба од поддршка за време на оваа криза.

Може да ги охрабрите вашите деца да користат дигитални алатки за физичка активност, како што се, онлајн видео-вежби за деца и видео-игри за кои е потребно физичко движење. Не заборавајте да ја балансирате рекреацијата преку интернет со офлајн-активности, вклучувајќи и време поминато надвор, ако е можно. 

>> Дознајте 5 начини за тоа како да им помогнете на децата да учат за време на пандемијата со КОВИД-19

 

Како дискретно да проверам како се снаоѓа моето дете?

Важно е да бидете смирени и проактивни при разговорите со децата - помуабетете со нив за да видите како им оди. Нивните емоции редовно ќе се менуваат и треба да им покажете дека тоа е во ред.

Без разлика дали се на училиште или дома, родителите/старателите може да ги вклучат децата во креативни активности, како што се играње и цртање, за да им помогнат во безбедна и поддржувачка средина да ги изразат и да ги соопштат сите негативни чувства што ги доживуваат. Ова им помага на децата да најдат позитивни начини за да изразат тешки чувства како лутина, страв или тага.

Бидејќи децата честопати ги учат емоционалните сигнали од клучните возрасни лица во својот живот - каде спаѓаат родителите и наставниците - важно е возрасните добро да ги контролираат сопствените емоции и да останат смирени, да ги ислушаат грижите на децата, да бидат благи кон нив и да ги успокојат.

>> Прочитајте повеќе за тоа како да го заштитите менталното здравје на вашето семејство наспроти КОВИД-19

 

На што друго треба да внимавам кога моето дете ќе тргне на училиште?

Покрај проверувањето на физичкото здравје на вашето дете и на учењето, треба да внимавате и на знаци на стрес и вознемиреност. КОВИД-19 може да го засегне менталното здравје на вашето дете и важно е да покажете дека е нормално и во ред повремено да се чувствува пренапрегнато. Кога се сомневате, емпатијата и поддршката се вистинскиот начин.

Исто така, постои загриженост дека инцидентите на стигматизација и малтретирање може да се зголемат кога децата ќе се вратат на училиште, поради одредени дезинформации околу КОВИД-19. Треба да објасните дека вирусот нема никаква врска со тоа како некој изгледа, од каде е или на кој јазик зборува. Ако детето било навредувано или малтретирано на училиште, треба да се поттикне да му се довери на возрасен од доверба. Потсетете ги вашите деца дека секој заслужува да биде безбеден на училиште и на интернет. Насилството е секогаш погрешно и сите треба да придонесеме кон нашата меѓусебна почит и поддршка.

 

Моето дете го загрижува малтретирањето на училиште и преку интернет, како со него да разговарам за тоа?

Ако вашето дете посведочило малтретирање во живо или преку интернет, важно е да му кажете дека не е само и дека секогаш може да разговара со вас или со друг возрасен од доверба. Колку повеќе зборувате со вашите деца за малтретирањето, толку полесно ќе ви кажат ако го видат или ако го доживеат. Секојдневно разговарајте со вашите деца и прашајте ги како си поминуваат на училиште и што прават на интернет, како и за нивните чувства. Некои деца можеби не ги изразуваат емоциите вербално, па затоа треба да внимавате и на вознемирено или агресивно однесување коешто покажува дека нешто не е во ред.

Исто така, треба да ги вклучите децата во отворени и искрени разговори за тоа како да останат безбедни на интернет. Искрено позборувајте со вашите деца за тоа со кого комуницираат и како. Потрудете се да ја разберат вредноста на љубезната и поддржувачка интеракција,  што значи дека дискриминаторскиот или несоодветен контакт никогаш не е прифатлив. Ако вашите деца доживеат нешто од ова, охрабрете ги веднаш да ви кажат вам или на возрасен од доверба. Бидете претпазливи ако забележите дека вашето дете станува повлечено или вознемирено, или го користи својот електронски уред повеќе или помалку од вообичаеното, тоа може да биде знак дека го малтретираат преку интернет.

Важно е и да се запознаете со политиките на училиштето за заштита од малтретирање, како и со соодветните достапни механизми за упатување и линии за помош.

>> Прочитајте повеќе за тоа како вашето дете да остане безбедно на интернет додека сте заглавени дома при епидемијата на КОВИД-19

>> Малтретирање на интернет: што е тоа и како да се запре?