Деца и млади почнуваат со изработка на решенија за подобрен пристап до правда

Деца и млади истражуваат иновативни начини за постигнување значајни промени во животот на децата и младите што доаѓаат во контакт со законот

UNICEF
Group of adolescents on a stage presenting their project at a design thinking workshop J4C UNICEF MK
Youth Educational Forum
21 Февруари 2022

Крушево, 11 февруари 2022 година:  Во рамките на иницијативата поддржана од УНИЦЕФ и Европската Унија „ Младински застапници за правда за децата “, шеесетина деца и млади почнаа да применуваат човечки ориентиран дизајн во изработка на решенија за подобрување на пристапот до правда за децата што доаѓаат во контакт со законот.

Иницијативата опфаќа деца и млади што потекнуваат од различни општествени и економски средини од целата земја. Исто така, вклучени се и деца и млади од воспитно-поправните установи и малите групни домови, со што се создава можност и овие деца, водени од своите сопствени искуства со правосудниот систем, да бидат дел од решенијата и да биде слушнат и нивниот глас.

Претходно годинава истата група деца и млади остварија првични средби со нивните ментори – експерти во домените на правда за децата и детски права – и ја промовираа иницијативата со почетната работилница што се фокусираше врз основните принципи на детските права.

За многу од нив дискусиите за самиот поим на правда за децата претставуваше ново искуство и процес на учење.  Трите дена поминати заедно на работилница за дизајнерски приод кон обмислување решенија го продлабочија нивното разбирање на тешкотиите со кои се соочуваат децата кога ќе дојдат во контакт со правосудниот систем и ефектите што тоа доживување може да го остави врз нивните животи, без оглед дали се сторители, сведоци или жртви на кривични дела или се ранливи деца во ризик да дојдат во контакт со законот.

Децата определија две главни области во кои може да се остварат подобрувања за да ги ублажат овие ефекти: пристап до информации за детските права, како што се информациите за постоењето бесплатни услуги за правна помош или правото на образование; и спречување на сите форми на насилство за да се намали веројатноста децата воопшто да дојдат во контакт со законот. Во овој контекст, тие расправаа за создавање иновативни превентивни механизми и ја разгледуваа идејата за спречување насилство во училиштата преку врсничка медијација и употреба на уметноста како алатка за заздравување од траума.

Group photo J4C Design Thinking Workshop UNICEF MK
Youth Educational Forum
Групна фотографија на екипата ентузијасти што работат на решенија за подобрен пристап до правда за децата.

Во следните три месеци младинските застапници за правда за децата ќе ги доразработуваат решенијата и ќе се подготвуваат да ги претстават нивните решенија за директна поддршка, застапување или потенцијално умножување пред форум од претставници на надлежните органи, академски институции, граѓанскиот сектор и други партнери.

Иницијативата е дел од двегодишната програма „Правда за децата – ЕУ за малолетничка правда по мерка на децата“, финансирана од Делегацијата на Европската Унија и кофинансирана од УНИЦЕФ, со која се поддржуваат реформските напори на владата да обезбеди во правосудниот систем да се заштитуваат правата на децата што доаѓаат во контакт со законот.