Вреднување на работата на посветените наставници
Иновативни методи и човечки пристап за квалитетно и инклузивно образование за сите деца

Прилеп, декември 2022: Игор Богданоски, наставник по математика кој шеснаесет години работи во основното училиште “Блаже Конески“ во Прилеп покажува дека часот по математика може да биде опуштен, а учењето интересно. Ако некој случајно се најде на негов час, ќе доживее ретка глетка. И по огласувањето на ѕвончето, учениците остануваат со јакните во раце и разговараат со наставникот за задачите, а тој стрпливо и ведро објаснува.
Игор знае дека некои ученици имаат отпор кон математиката и затоа свесно вложува напор да им помогне да го засакаат процесот на учење. Така, освен што професионално се надградува и пишува трудови од областа на образовен менаџмент и математика, во исто време се труди да воспостави топол, другарски однос со учениците и да го збогати часот со примена на нови технологии и вежби.

За него, како и за сите наставници, голем предизвик беше периодот за време на пандемијата со КОВИД-19 кога наставата се одвиваше онлајн. Иако успеа да изнајде брзи решенија за да им помогне на колегите да се здобијат со основно дигитално знаење, нему, како и на сите други наставници, му требаше поструктурирана поддршка во наставата. Се појави можност за надградба со иницијативата на УНИЦЕФ која се спроведуваше со финансиска поддршка од Делегацијата на Европската Унија и имаше за цел да им помогне на наставниците да применат дигитална технологија за квалитетна и инклузивна настава за сите деца за време на пандемијата и понатаму.
Се вклучи во иницијативата и стана дел од групата наставници кои учествуваа на обуки за зајакнување на капацитетите за формативно оценување, педагошки практики за дигитално учење наменети за сите ученици, префрлање на наставата на дигитална настава, избор на технологии и компетенции на наставниците поткрепени со технолошки знаења.
По завршувањето на обуките, Игор го пренесе знаењето на своите колеги од основните и средните училишта и одржа три вебинари за формативното оценување во наставата, за педагошките пристапи кон инклузивно, дигитално и комбинирано учење и за наставните компетенции со технолошка поддршка. Над 7300 наставници учествуваа на овие вебинари.

Денес, кога учениците се повторно во училишните клупи, тој продолжува со примена на дигитални алатки во наставата.
Учениците од деветти клас се раздвижуваат кога доаѓа време за вежбите. Со насочено внимание - затоа што времето за решавање на вежбите е ограничено - едвај чекаат да се појави задачата на екранот за да почнат веднаш со работа. “Се натпреваруваме“ , велат, но сите се согласуваат дека е важно наставникот прво да го објасни математичкиот проблем, а дури потоа да ги користат таблетите за решавање на задачата.

“Децата уживаат кога се збогатува наставата со дигитални алатки,“ објаснува наставникот и додава “Сепак избрзан би бил заклучокот дека само со примена на технологијата се постигнува трансформативно влијание во образованието. Без сомнение е корисна, но и кога се применува технологијата и кога не се применува, пресудни се наставните методи и посветеноста.“

Инспириран од обуките на УНИЦЕФ, Игор се обиде да креира професионална заедница за учење на наставниците по математика од целата земја. “Процесот се одвива бавно затоа што некои од наставниците не се подготвени за промени. Но, за среќа има триесетина мотивирани наставници кои ги анимираат колегите поактивно да се вклучат во иднина.“
Добар пример е одличната соработка што се разви меѓу Игор и колешката Снежана Златковска од ООУ “Илинден“ од Крива Паланка уште за време на пандемијата кога наставата се одвиваше онлајн. Двајцата наставници оттогаш соработуваат на иновативен начин - си ги прегледуваат материјалите и вежбите што ги подготвуваат за часовите, заедно ја одржуваат страницата https://mismath.net/moodle/ со материјали за учење математика, и повремено се вклучуваат еден кај друг на додатните и дополнителните часови за да може учениците да добијат повеќе различни перспективи на материјалот. “Корисно е да се изложиме од време на време на објективна проверка, на друго око и да увидиме каде грешиме и како да се подобриме.“

Наставникот истражува различни начини за да одговори на индивидуалните потреби на учениците. Така на пример снима видео и аудио записи од предавањата и вежбите за да може секое дете - доколку не е во можност да следи настава со физичко присуство затоа што е болно, или доколку има потреба од повеќе време за да научи - да ги помине лекциите од дома.
Исто така, Игор одржува дополнителна онлајн настава секој работен ден од 16 до 17 часот наменета за учениците со поголем интерес за математика или пак за оние што имаат потреба од дополнително учење и помош. “Понекогаш се вклучуваат 15 ученици, понекогаш не се појавува никој, но секој ден во 16 часот јас сум на Тимс“.
Минатата година Игор Богданоски беше избран за ментор наставник на јавен конкурс и со тоа формално му се оддаде признание за долгогодишниот труд. “Добро ми дојде да видам дека она што со години сум го работел било на прав пат, на добар пат,“ вели тој. “Со ова признание се вреднува работата на посветените наставници“.

Врз основа на петте теми поврзани со квалитетна и инклузивна дигитална настава и учење што беа опфатени со регионалните вебинари, УНИЦЕФ подготви онлајн модули за обука кои беа прилагодени и одобрени од страна на Бирото за развој на образованието и ќе бидат достапни за сите наставници во Северна Македонија на платформата Едуино.
Активностите поврзани со зајакнување на капацитетите на наставниците за квалитетно и инклузивно учење и настава за сите деца се дел од поширок регионален проект за ублажување на влијанието на КОВИД-19 врз животот на децата и семејствата во Западен Балкан и Турција. Проектот е финансиран од Делегацијата на Европската Унија со поддршка од УНИЦЕФ и се спроведува во соработка со Министерството за образование и наука , Министерството за труд и социјална политика и Министерството за здравство.