Безбедно доење за време на пандемијата со КОВИД-19

Како да го храните детето следејќи ги актуелните стручни упатства

УНИЦЕФ
Breastfeeding
UNICEF/UN0343154/Pazos
06 Август 2020

Ако сте мајка или очекувате бебе, природно е да имате прашања за тоа што е најбезбедно за вашето бебе за време на пандемијата со корона-вирусната болест (КОВИД-19).

Доказите доминантно зборуваат во прилог на доењето. Контактот „кожа на кожа“ и раното, исклучиво доење му помагаат на вашето бебе да напредува, па нема причина да се прекинат поради овој вирус. Досега не е откриено пренесување на активен КОВИД-19 (вирус што предизвикуваа инфекција) преку мајчино млеко и доење.

Ако сте пред породување, треба да добиете поддршка за безбедно да доите, да го држите новороденчето „кожа на кожа“ и да бидете в соба заедно со своето бебе.

Еве неколку одговори на вообичаени прашања од нови мајки и бремени жени, каде се споделува најбезбедното искуство за вас и вашето бебе, без разлика дали се чувствувате здраво или имате знаци и симптоми на КОВИД.

 

Треба ли да дојам за време на пандемијата?

Апсолутно. Мајчиното млеко обезбедува антитела кои на бебињата насекаде во светот им даваат здрав почеток и ги штитат од многу инфекции. Ако бебето е изложено, антителата и биоактивните фактори во мајчиното млеко се борат против инфекцијата со КОВИД-19.

Ако вашето бебе има 6 месеци или е помало, треба да биде исклучиво на доење. Кога ќе наполни 6 месеци, продолжете со доење, додавајќи безбедно и здраво прихранување.

 

 

Може ли на своето бебе да му пренесете КОВИД-19 преку доење?

Досега не е откриено пренесување на активен КОВИД-19 (вирус што предизвикува инфекција) преку мајчино млеко и доење, иако истражувачите и натаму го испитуваат мајчиното млеко.

Остварете контакт „кожа на кожа“ со новороденчето. Ставете го на својата кожа и обидете се со прв подој, што исто така ја намалува смртноста кај новороденчињата. Навременоста е пресудна, па се препорачува да се обидете со прв подој во првиот час по породувањето.

 

 

Треба ли да дојам ако имам или се сомневам дека имам КОВИД-19?

Да, продолжете со доење, применувајќи соодветни мерки на претпазливост. Тие вклучуваат носење маска ако е достапна, миење на рацете со сапун и вода или со антисептик на база на алкохол пред и по допирање на бебето, и рутинско чистење и дезинфекција на површините што сте ги допреле. Градите треба да ги измиете само ако сте се искашлале на нив. Инаку, градите не треба да ги миете пред секој подој.

 

 

Што да направам ако ми е премногу лошо за да дојам?

Ако се чувствувате премногу болно за да доите, обидете се да најдете други начини за безбедно да му дадете мајчино млеко на вашето дете. Обидете се да измолзете млеко од градите и да му дадете со чиста чашка или лажиче. Може да размислите и за дарувано човечко млеко, доколку има каде што живеете. Зборувајте со вашиот советник за доење или здравствен работник за опциите што ви се достапни.

Измолзувањето е важно и за да се одржи создавањето млеко во дојките, за пак да го доите детето кога ќе се чувствувате доволно добро. Не постои фиксен временски интервал на чекање по сомневање или потврда на КОВИД-19.

Ако измолзувањето или даруваното човечко млеко не се можни, размислете за друга доилка која би го доела и вашето дете, доколку е културно прифатливо, или за вештачко млеко, доколку е правилно подготвено, безбедно и лесно достапно.

 

Треба ли да дојам ако детето ми е болно?

Продолжете со доење на детето дури и ако се разболи. Без оглед дали вашето малечко ќе фати КОВИД-19 или друга болест, важно е да продолжите да го храните со мајчино млеко. Доењето го зајакнува имунолошкиот систем на вашето бебе, а вашите антитела му се пренесуваат преку мајчиното млеко, помагајќи му да се бори против инфекции.

 

Какви мерки на претпазливост да преземам при доење?

Следете ги упатствата за миење раце. Рацете треба да ги миете со сапун и вода пред и по допирање на бебето. Може да користите и антисептик на база на алкохол. Исто така, важно е да се исчистат и дезинфицираат сите површини што сте ги допреле.

Мијте ги пумпата за измолзување, шишенцата за млеко и приборот за хранење по секоја употреба како и обично.

 

 

Што значи корона вирусот за доењето

UNICEF

За повеќе информации околу доењето за време на КОВИД-19, видете ги упатствата од Светската здравствена организација.

Напис од Менди Рич, писател на дигитални содржини, УНИЦЕФ