Квалитетно и инклузивно образование
Секое девојче и момче каде и да живее има право на квалитетно образование
- Достапно на:
- English
- Македонски
Предизвик
Образованието го менува животот на сите луѓе низ светот, отворајќи можности и потенцијали за развој и промена. Но, иако е важно, едноставното праќање на децата во училиште не е доволно. На децата им треба квалитетно образование кое ќе им помогне целосно да го искористат својот потенцијал и да ги зголемат шансите да станат среќни, здрави, успешни и корисни членови на општеството. На децата им треба квалитетно образование што ќе им помогне да се развијат во учтиви, самоуверени, критични и добро интегрирани суштества во оштеството. Најмногу од сè, на децата им треба квалитетно образование што ќе биде лесно пристапно за сите.
Меѓутоа, меѓународните оценувања како ПИСА, ПИРЛС и ТИМСС со кои се оценуваат образовните системи покажуваат дека земјата не ја исполнува обврската да обезбеди квалитетно образование за сите деца. Всушност, резултатите на последните оценувања не само што се слаби, туку и покажуваат дека квалитетот на образованието опаѓа.
Пристапот до квалитетно образование е основно право на сите деца
Постојат неколку причини зад слабите резултати на образовниот систем во земјата. Образовните политики кои не се потпираат на податоци и факти во голема мера влијаат врз вкупните резултати. Наставните програми не се надградуваат според најновите истражувања и достигнувања во науката и многу често лошо се спроведуваат.
Ниската мотивираност на наставниците, исто така, спаѓа во факторите кои сериозно придонесуваат кон нискиот квалитет на образованието. Покрај тоа, повеќето наставници немаат современи компетенции и ресурси за да обезбедат сите деца целосно да го остварат правото на квалитетно образование. Ова директно влијае врз квалитетот на наставата, со што пак опаѓаат знаењата и вештините кои ги стекнуваат децата, при што нивните можности за вработување се намалуваат.
Некои деца го пропуштаат училиштето само затоа што се различни
За жал, зависно од тоа каде живеат, од богатството на нивните семејства, етничката припадност, попреченоста или едноставно затоа што се различни, некои деца не се во можност да го исполнат правото на образование.
Децата со попреченост се особено изложени на ризик од пропуштање на училиштето. Речиси три од четири деца со попреченост воопшто не одат на училиште, главно поради стигма, физички бариери, недостаток на услуги за поддршка и ниски очекувања на родителите.
Според УНИЦЕФ, потребни се итни реформи што ќе ѝ помогнат на земјата да создаде пристапно квалитетно образование, за да се исполни потенцијалот на секое дете, кое понатаму ќе придонесе кон општеството, подобрување на економијата, намалување на сиромаштијата и кон политичко стабилизирање на земјата за таа да стане развиена и просперитетна каде сите деца ќе имаат еднакви шанси за опстанок и напредување.
Решение
УНИЦЕФ се залага сите деца да уживаат во правото на квалитетно образование. За да се постигне ова, ние го поддржуваме Министерството за образование и наука да утврди национални стандарди за наставните резултати, кои се суштински за реформирање на наставните програми. Сите реформи мора да бидат врз основа на податоци и докази, и токму затоа ние поддржуваме формирање на аналитичка единица во рамките на Министерството за образование и наука, која континуирано ќе ги анализира податоците за успешноста и ќе работи на креирање политика заснована на докази. Исто така, со ОЕЦД сме ангажирани на ревизија и зајакнување на системот за оценување и евалуација во земјата и за создавање систем на оценување во кој се препознаваат талентите и интересите на сите ученици, охрабрувајќи ги да бидат истрајни.
Сѐ повеќе расте консензусот дека доблестите како што се искреност, самоконтрола, праведност, благодарност и почит, а кои придонесуваат кон добар морален карактер, се дел од решението за предизвиците со кои се соочува општеството денес. Токму затоа, ние работиме на развивање на карактерно образование, почнувајќи од предучилишна возраст и продолжувајќи во другите степени на образование.
Врз основа на моделите подготвени преку програмата за пилот-училиштата, воведовме обука за инклузивно образование во сите училишта во земјата. Ова е поддржано со задолжителна онлајн-обука за инклузивно образование на сите наставници. Постојано инвестираме во создавање ресурси, прирачници и упатства за инклузивно образование, кои ќе се користат за подобрување на пристапот и учеството на сите деца во процесот на настава и учење, и ќе го подобрат нивниот успех.
Работиме со цел училишните резултати да се подобруваат и да се развиваат, и ниедно дете да не се изостави!