Заштита на децата од насилство е фундаментално право на секое дете

Истражување за знаењето, ставовите, практиките и социјалните норми поврзани со насилството врз деца

A father holding a baby
UNICEFMK

Главни црти

Заштита на децата од насилство е фундаментално право на секое дете. За жал, насилството и понатаму претставува сериозна реалност за милиони деца ширум светот и остава доживотни последици врз животот и развојот на децата. Насилството го попречува развојот на децата, способноста за учење и постигнувања во училиште; ги ограничува односите, придонесува за ниско ниво на самопочитување, емоционална болка и депресија, води кон ризични ситуации, самоповредување и агресивно однесување. Дополнително, насилството има и сериозно економско влијание врз општеството, намалување на човечките капацитети и нарушување на социјалниот капитал.

УНИЦЕФ поддржа истражување за проценка на знаењето, ставовите, практиките и социјалните норми на родителите и старателите поврзани со насилството врз децата. Резултатите од истражувањето послужија како основни податоци и придонесоа за дизајнирање стратегија за комуникација на социјални промени и кампања под наслов „И родителството се учи“ што започна на 5 ноември 2018 година. Отворајќи дискусија за детскиот развој и човечкиот напредок, кампањата имаше за цел да го сврти вниманието кон потребата родителите да се поддржат во подигање самоуверени и успешни деца кои покажуваат почит.

Со цел да се процени степенот до кој активностите на кампањата до денес влијаеа врз знаењето, ставовите и практиките; и потреба од ажуриран увид за информирање на идните интервенции за социјални промени, во 2019 година спроведено е второ национално истражување меѓу родители или старатели на деца на возраст од 2 до 14 години со цел да одговори на следните истражувачки прашања:

1. Знаење: како луѓето го разбираат и дефинираат насилството и алтернативните позитивни методи за дисциплинирање деца;

2. Ставови: степенот до кој луѓето ги одобруваат различните практики за дисциплинирање деца и во кои ситуации се прифатливи за нив;

3. Верувања: како луѓето ги разбираат ефектите и последиците од насилството и позитивните практики за дисциплинирање на децата; во кои ситуации се оправдани; кои би биле предностите од усвојувањето позитивните практики за воспитување деца наспроти насилните методи;

4. Практики за дисциплинирање / воспитување деца и злоставување и занемарување на децата: степенот и практики за дисциплинирање на децата; преференци за користење определени форми на дисциплинирање во зависност од ситуацијата, возраста на детето, полот (и на родителот и на детето);

5. Емпириски и нормативни очекувања: степенот до кој социјалните норми влијаат врз ставовите и практиките во однос на дисциплинирање на децата; што мислат испитаниците дека другите родители во нивната заедница прават за дисциплинирање на децата; што мислат испитаниците што другите луѓе (родители, членови на семејството, други членови на заедницата и сл.) очекуваат тие да прават во определени ситуации (пр. ако детето не се однесува добро);

6. Колкав дел (расчленет според место на живеење, етничка припадност, пол и возраст) од целната популација ја виделе или слушнале кампањата поддржана од УНИЦЕФ и преку кои канали?

7. До кој степен кампањата влијаела врз знаењето и ставовите на оние кои ја виделе или слушнале?

A father holding a baby
Автор
UNICEF
Датум на публикација
Јазици
Англиски, Македонски

Симнете го извештајот

(PDF, 4,99 MB) (PDF, 5,71 MB)