Влијанието на пандемијата со Ковид-19 врз перинаталното ментално здравје кај жените во С. Македонија

Студијата има за цел да го истражи влијанието на пандемијата со Ковид -19 врз менталното здравје на жените во Северна Македонија за време на перинаталниот период.

Pregnant woman
UNICEF/2023

Главни црти

Студијата регистрираше зголемување на преваленца на нарушувања на менталното здравје, особено депресија и анксиозност, кај жените во перинатален период, во споредба со времето пред пандемијата, што го потврдува проценетиот пораст на нарушувања на менталното здравје на глобално ниво, особено кај популациите со нагласен ризик.
Перинаталниот период претставува ранлив период за влошување на менталното здравје кај жените поради веќе утврдени физиолошки, психолошки и социолошки фактори.

Во услови на криза дополнително се влошува влијанието на факторите на ризик врз менталното здравје, а пандемијата со Ковид -19, како тековна криза, наметна нови услови во функционирањето на населението ширум светот. Долготрајната изложеност на стрес, социјална изолација, страв, финансиски предизвици, смртните случаи и отежнатите здравствени услуги, доведоа до влошување на тешкотиите со менталното здравје.
Покрај тоа, жените во перинаталниот период стравуваат од вертикално пренесување/пренесување преку доење, одвојување од бебето по раѓањето, вакцинација, намалена достапност на здравствени услуги и социјалната поддршка, кои преовладуваа како причини за загриженост поврзани со пандемијата ширум светот. Користењето на Прашалникот Ковид-19 во оваа студија ни даде увид во најчестите грижи и фактори на ризик поврзани со пандемијата во корелација со влошено ментално здравје кај популацијата на жените во перинатален период во Северна Македонија. Се покажа дека инфекцијата со Ковид-19, нередовното посетување на гинеколошко-акушерските прегледи за време на бременоста, стравот од вакцинацијата против Ковид-19, негативното перцепирање на влијанието
на пандемијата врз нивното ментално здравје, загубата на работно место/финансиската загуба, како и ограничениот пристап до здравствени услуги за време на пандемијата беа најчесто регистрираните фактори на ризик или грижи во корелација со индикаторите на влошено ментално здравје, намален квалитет на живот и нарушено приврзување мајка-дете.
Врската помеѓу мајката и детето, која е предмет од клучна важност за здравјето и оптималниот психолошки и когнитивен развој на детето, беше значајно погодена кај испитаничките со регистрирана депресија и/или анксиозност.
Резултатите од истражувањето ќе имааат апликативна вредност во идните стратегии за подобрување на виталните индикатори на перинаталното здравје од страна на здравствените работниции, социјални служби, предучилишни установи, владини и невладини организации, креатори на политики.

// Оваа студија е изработена од ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија – Скопје со поддршка од УНИЦЕФ и УСАИД. Ставовите на авторите изразени во оваа публикација не мора да ги одразуваат ставовите на УНИЦЕФ, Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.

Автор
Универзитетска клиника за психијатрија – Скопје
Датум на публикација
Јазици
Англиски, Македонски

Документи достапни за преземање