![]() |
| Министерот за труд и социјална политика г. Џелал Бајрами и претставникот на УНИЦЕФ г. Шелдон Јет за време на претставувањето на извештајот „Фер игра„ |
Скопје, среда 27 октомври 2010 година: г. Џелал Бајрами, министер за труд и социјална политика и г. Шелдон Јет, претставник на УНИЦЕФ, промовираа извештај за можностите за финансирање на зголемен пристап до услуги во областа на ран детски развој (РДР) за сите четиригодишни и петгодишни деца од 23 проценти до целосна опфатеност.
Извештајот со наслов “Фер-игра„ потенцира дека постојат нееднаквости во сегашниот систем на финансирање на услугите од областа на раниот детски развој (детски градинки). Вкупната опфатеност на деца до петгодишна возраст со РДР и понатаму е на ниско ниво од 14% во 2008 година, а повеќето од децата што ги користат овие услуги се од урбани семејства со два извори на приходи.
“Наодите од мулти-генерациски истражувања во повеќе земји укажуваат дека добро конципирани РДР услуги би биле полезни за сите деца, но би имале далеку најголемо влијание врз најсиромашните и најзагрозените”, рече Шелдон Јет, претставник на УНИЦЕФ. “За жал, со оглед на сегашната поставеност на системот во земјава, децата на коишто им е најпотребен се токму тие на коишто не им е достапен”, додаде г. Јет.
Посетувањето на овие програми е претежно привилегија на најбогатите 40% од населението. Помалку од 2 проценти од децата во руралните краишта имаат пристап до формални програми за РДР.
Извештајот ги разгледува можностите, во рамките на постојните фискални ограничувања, за начини на коишто Владата би можела да го преструктурира системот со цел да се обезбеди сите деца, а особено најзагрозените, да имаат пристап до програми за рано учење и развој.
Како прв чекор, во планот се предлага воведување на полудневни програми за ран детски развој во центри во заедниците, наменети за четиригодишни и петгодишни деца, а потоа да се прошири опфатот и на помлади групи како што ќе се подобруваат фискалните и други финансиски можности.
“Потребно е ревидирање на Законот за заштита на децата за да се институционализираат исплатливи алтернативи за детските градинки”, изјави министерот за труд и социјална политика г. Џелал Бајрами. “Исто така, треба да ја разгледаме и можноста за воведување на дополнителни субвенции за семејства со ниски приходи”, додаде министерот Бајрами.
Потребни се и други законски промени за да се обезбеди систем на финансирање по глава на жител во општините, така што трансферите за РДР услуги би ја одразувале големината на населението, наместо постојната инфраструктура. Министерот презема обврска да ги воведе овие промени идната година.
Во планот се предлага да се дојде до дел од ресурсите за полудневни програми преку мало зголемување на надоместокот за целодневен престој во детска градинка.
Извештајот го објави Министерството за труд и социјална политика, а истиот беше изработен со поддршка од УНИЦЕФ. Овој извештај е дел од процесот на изработка на државната политика за РДР со цел да се обезбеди универзален пристап до услуги од областа на ран детски развој, со посебно внимание кон најзагрозените групи на деца. Стратегијата за остварување на оваа државна цел опфаќа поголема разнообразност (диверзификација) на услугите во областа на раниот детски развој, а поконкретно ова значи промовирање на исплатливи алтернативи за веќе постојните јавни детски градинки, со цел да се обезбеди сеопфатен систем во кој детските градинки ќе ја задржат нивната важна улога.
Изберете јазична верзија на извештајот: English Македонски Shqip
ЗА ДОПОЛНИТЕЛНИ ИНФОРМАЦИИ ОБРАТЕТЕ СЕ ДО: Сузи Папас, службениик за комуникации, УНИЦЕФ, телефон: 072 236 725 или e-mail: spappas@unicef.org