Обединети за подобрување на Законот и негова примена за подобра заштита на децата во судир и контакт со законот
Скопје, 2 февруари 2012: Пратеници, владини функционери, професионалци кои работат со деца во системот на правда, и претставници од граѓанското општество се собраа заедно на собраниската јавна расправа за да дискутираат за законската рамка за правда за децата. Поттикнати од наодите на анализата за јазовите во законот која ја спроведе УНИЦЕФ и тековното ревидирање на законот за малолетничка правда – кое во моментот го подготвува работна група во Министерството за правда – учесниците на јавната расправа едногласно повикаа на понатамошно зајакнување на постојниот закон и обезбедување на ресурси за да се овозможи реализација на добрите намери предвидени со законот. “Малолетничката правда е камен темелник на секој систем на правда, а ресторативната правда претставува основа за правдата за деца – ова е принципот кој работната група никогаш нема да го изгуби од вид,” рече професор Владо Камбовски, претседател на работната група која ги подготвува амандманите на законот за малолетничка правда, во текот на неговото претставување на празнините во законот. Иницијативата за јавната расправа ја даде неодамна основаната работна група за детски права – нестатутарно тело во рамките на Комисијата за труд и социјална политика – со кое заседава претседателката на комисијата, г-ѓа Цветанка Иванова. Во текот на дискусијата, г-ѓа Билјана Бришкоска, заменик министер за правда и г-дин Ибрахим Ибрахими, заменик министер за труд и социјална политика ги споделија последните информации за активностите на владата за обезбедување на ефективна имплементација на законот. Потенцирајќи ја потребата од фокусираност на квалитетот пред брзината, г-дин Робин Лидел, chargé d'affairs во Делегацијата на ЕУ, забележа дека дебатата се случува во вистинско време за да се посвети внимание на оние областите каде тоа е потребно. “Земајќи го предвид ограничениот опсег на ресурси кои треба да се распределат – остварувањето [на функционален систем на малолетничка правда] може да биде релативно брза придобивка, не само за постојната влада, туку и за идните генерации,” рече г-дин Лидел. Презентациите поттикнаа опсежна дискусија помеѓу повеќето учесници. Повеќето од нив се практичари во областа – ментори, адвокати, социјални работници, стручни лица кои работат во поправните домови, професионалци кои работат на програмите за превенција и независен мониторинг – и тие беа подготвени да ги споделат своите ставови и искуства од примената на постојниот закон за малолетничка правда. Иако најголемиот број од нив забележаа дека постојната законска рамка е солидна и во голема мерка усогласена со ЕУ и меѓународните стандарди, сепак повеќето од нив заклучија дека има потреба од континуиран развој на законската рамка. Покрај тоа, тие ја истакнаа потребата од обезбедување на адекватни ресурси за да се овозможи реализација на добрите намери пропишани со законот. “Постојниот закон за малолетничка правда е закон со огромно значење кој во голема мерка е доследен на насоките на ОН и други меѓународни упатства, меѓутоа еден закон може да биде онолку добар колку што е добар квалитетот со кој истиот се спроведува” рече г-дин Шелдон Јет, претставник на УНИЦЕФ. На крајот на расправата, комисијата предложи низа на заклучоци и ги повика учесниците да поднесуваат дополнителни препораки кои ќе се разгледаат на следната седница на комисијата за нивно усвојување. Меѓу препораките беше наведена и потребата да се обезбедат експлицитни одредби во законот со кои се дава гаранција на основните права – како што е презумпцијата на невиност. На јавната расправа беше заклучено дека постои потреба со новиот закон јасно да се дефинира следното: одговорностите на Министерството за правда и Министерството за образование и наука за да се обезбеди дека децата во поправните домови го остваруваат своето право на образование додека ја издржуваат казната и одговорностите на Министерството за труд и социјална политика и Министерството за правда за обезбедување на бесплатна правна помош за децата кои се во судир со законот. Покрај тоа, помеѓу заклучоците беше и потребата од воведување и соодветно финансирање на нови механизми, со кои ќе се обезбеди превенција и социјална реинтеграција. На јавната расправа се укажа дека со новиот закон треба да се воспостави фонд за бесплатна правна помош и фонд за надомест на деца жртви, како и одредби со кои ќе се обезбеди подготовка на подзаконски акти за да може да се применуваат стандардни процедури за подготовка и мониторинг на дисциплинските мерки. Повеќето учесници истакнаа дека квалитетот во спроведувањето или примената на постојниот закон е попречен заради недостигот од ресурси за развој на професионални капацитети, програми за превенција, и програми за социјална реинтеграција. Не изненадува тоа што на јавната расправа беше упатен повик до сите министерства – за правда, труд и социјална политика, и внатрешни работи – да распределат соодветен буџет за да одговорните институции за имплементација можат да ја исполнат обврската која им е пропишана со закон. “Првиот закон беше усвоен со огромен консензус – за законот гласаа и позицијата и владеачката партија – заедно сакавме да воспоставиме подобар и поефикасен систем. Денеска се собравме овде да разгледаме што сме постигнале и треба да продолжиме да го правиме тоа за да се зајакне системот,” рече г-ѓа Цветанка Иванова, претседател на собраниската комисија за труд и социјална политика. Јавната расправа ја свика собраниската комисија за труд и социјална политика со техничка поддршка од УНИЦЕФ како дел од проектот „Правда за деца“, финансиран од ЕУ (700,000 евра) и кофинансиран и спроведуван од страна на УНИЦЕФ (100,000 евра). Со поддршка од ЕУ и УНИЦЕФ, со проектот се помага на владата да се реформира системот на правда за децата за да се усогласи со ЕУ и меѓународните стандарди. Фокусирајќи се на трите столба – подобрување на нормативната рамка, градење на капацитетите и превенција – со проектот ќе се придонесе кон премостување на јазот помеѓу содржината на законот и самата пракса. За повеќе информации контактирајте со:
|