Ран детски развој и образование

Преглед

 

Преглед

© UNICEF 2006
Доколку сите деца од светот се описменат и завршат основно образование ќе се постигне голем придонес кон развојот на децата од светот. (Светски самит за децата, 1990)

ПРАШАЊА

Во Европа се полага сè поголемо внимание на ефективноста и праведноста на образовниот систем. Нееднаквоста во образованието има високи скриени трошоци, додека пак  инвестирањето во образованието носи долгорочни економски и социјални погодности. Еден од начините да се зајакне социјалната кохезија, да се добие подобро совпаѓање меѓу образованието и потребите на пазарот на трудот и, конечно, да се придонесе кон поконкурентно општество засновано врз знаење е  преку  поефективен, поефикасен и поправеден основен образовен систем.

Во земјата се влошуваат нематеријалните индикатори за детска сиромаштија во повеќе сектори вклучувајќи го и образовниот сектор. На национално ниво земјата постигна речиси универзален пристап до основно образование. Сепак, постојат широко распространети разлики врз основа на етничка припадност, пол, приход во домаќинството или различни способности на децата. Најлоши индикатори во образованието се забележани кај Ромите, кај кои 39% од децата на училишна возраст не посетуваат основно образование. 

Извор: Мултииндикаторско кластерско истражување (Државен завод за статистика) 2005/2006
* Истражување на УНИЦЕФ

Натаму, се проценува дека само 15% од децата со пречки во развојот се запишани во централниот образовен систем. Овие податоци јасно укажуваат дека тековниот образовен систем ги одразува и продлабочува постојните социјални нееднаквости.

Повеќето земји имаат тенденција да се фокусираат на запишувањето бидејќи тоа полесно се мери. Но, во земјите со среден приход има потреба фокусот да се прошири со цел да се опфатат прашањата врзани за квалитетот на образованието. Според меѓународните студии за мерење на постигнувањата во учењето (e.g. PIRLS, TIMSS, PISA) земјата покажува резултати под меѓународните одредници. Од ова  може да се заклучи дека системот како целина не е толку ефективен колку што би требало да биде и дека децата во земјата не учат онолку колку што им се способностите. Застарените наставни планови и програми, недостигот од стандарди за следење на постигнувањата во учењето, недостигот од систематско вложување во обука на наставниците, слабата мотивираност на наставниците, лошото опкружување за учење (и во смисла на инфраструктура и во смисла на наставни методи), сите заедно придонесуваат кон слабите постигнувања во учењето.

Во земјата околу 33,9 отсто од лицата на возраст од 15 до 19 години ниту посетуваат училиште ниту  се вработени. Како споредба, во Европската унија како целина само 10 отсто од лицата во истата старосна група се исклучени од образованието и вработувањето. Нецелосните реформи и недостигот од соодветни инвестиции укажуваат дека квалитетот на образованието е намален и дека не ги обезбедува знаењата и вештините кои им се неопходни на младите луѓе за да настапат на сé поконкурентниот пазар на труд.

Предучилишното образование е уште една критична област. Предучилишната опфатеност е многу ниска и децата во руралните и сиромашни области се целосно исклучени од системот. На национално ниво, посетувањето предучилишно образование (деца на 0-6 години) е само 11 отсто, 1,5 отсто во руралните области и 1,4 отсто кај најсиромашните. Ова главно се должи на ограничената инфраструктура и високите трошоци за градинка. Земјата заостанува и во смисла на квалитет на предучилишното образование. Зголемувањето на пристапот до предучилишното образование и неговиот квалитет е многу важна стратегија со цел да се подготват децата за успех во основното образование и во борбата против социјалната исклученост.

АКТИВНОСТ

Програмата за ран детски развој и образование на УНИЦЕФ има за цел да придонесе кон националните реформи во образовниот сектор преку поддршка на интервенциите насочени кон зголемување на пристапот и квалитетот и релевантноста на основното образование. УНИЦЕФ, преку оваа програма, поконкретно:
• Се застапува за зголемување на буџетот во образовниот сектор;
• Му обезбедува на Министерството за образование техничка помош на полето на развој и спроведување на стандарди за квалитетно образование преку моделирање на иницијативи „Училиште по мерка на детето“ во 10 пилот училишта;
• Поддржува обука на наставниците на работното место како стратегија за подобрување на резултатите во учењето на децата;
• Му помага на Министерството за образование во спроведувањето на новите ревидирани наставни планови и програми за основното образование, особено компонентата која се однесува на Образование засновано врз животни вештини;
• Обезбеди техничка помош за Министерството за труд и социјална политика  за изготвување  и спроведување на Стандарди за рано учење и развој за предучилишното образование во рамките на националната политика за ран детски  развој и образование;
• Поддржува иницијативи за социјален развој во најранливите заедници со цел да се олесни пристапот до основните социјални услуги, вклучувајќи го и пристапот до основно образование за социјално најисклучените деца (со фокус врз ромските заедници);
• Во 11 општини се воспоставени комисии за правата на детето како постојани структури кои ја обезбедуваат перспектива на правата на детето во планирањето и буџетирањето на општината. Програмата на УНИЦЕФ за ран детски развој  и образование опфаќа три компоненти: 1) Рано образование на децата; 2) Основно образование; и 3) Децентрализација

НАПРЕДОК


• Преку работата на УНИЦЕФ на полето на застапувањето и техничката помош беше формирана меѓу-секторска работна група со која претседава Министерството за труд и социјална политика и таа изготви сеопфатна национална политика за ран детски развој која ќе обезбеди информации за реформата на системот на предучилишно образование.
• УНИЦЕФ ја поддржа подготовката на Стандарди за рано учење и развој.
• Министерството за образование и наука со финансиска и техничка поддршка од УНИЦЕФ изготви стандарди за училиште по мерка на детето за да го подигне квалитетот и релевантноста на основното образование. Беше спроведена и анализа на состојбата за училишта по мерка на детето  со цел да се процени ситуацијата а стандардите се пилотираат во десет училишта..
• Одлуката на Владата во 2007 година да воведе задолжително деветгодишно основно образование и да направи ревизија на сите наставни планови и програми во основното образование овозможија УНИЦЕФ да помогне во изготвувањето на Образованието засновано врз животни вештини  кое  е вклучено со посебен предмет во новите наставни планови и програми од 1 до 9 одделение. Покрај тоа, наставните планови и програми во основното образование се ревидираат наспроти стандардите за училишта по мерка на децата.

 

 

 
Search:

 Email this article

unite for children